Богојески: Во ВМРО-ДПМНЕ сѐ е исто, само Никола го нема

by fokus

Еден од реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, во интервју за „Дојче веле“говореше за најавената реконструкција на премиерот Зоран Заев.

„Прво, од СДСМ досега видовме промена само на партиски, но не и државни функционери. Второ, оценката не се прави само според списокот на разрешени, туку според списокот на новоименувани функционери. Ќе мораме да го почекаме тоа, да ја видиме понудата на нови кадри, за да се даде почетна проценка. Значајно е да видиме дека и министрите од ДУИ имаат одговорност пред законот и пред премиерот, а не само пред партискиот шеф. За пофалба е капацитетот на СДСМ да влезе во вакви реформски процеси и покрај фактот што тие се целосни победници на сите избори. За жал, ВМРО ДПМНЕ не покажа грам капацитет во таа насока. Барем да се побараше одговорност на шефот на Републичкиот изборен штаб, поради изгубените избори и катастрофата што ја доживеавме во Охрид“, вели Богојески.

„Не само реториката, политиките, статутот на партијата, кадровските решенија, меѓународните позиции, сѐ е исто, само Никола ‘го нема’. Тоа е некој вид комоција за Заев и СДСМ,  но не е гаранција дека нема да се случат покрупни промени во власта, доколку не бидат успешни овие промени кои Заев ги започна. Од тука, има некоја чудна причинско-последична врска помеѓу случувањата во ВМРО-ДПМНЕ и оние во СДСМ. Често делува како да е координирано. Овие промени во СДСМ се поголема шанса за Заев да го наметне т.н. ‘струмички’ концепт”, кој е супериорен во однос на ВМРО-ДПМНЕ груевистичка, отколку реално да промени нешто во реализацијата на дадените предизборни ветувања. Тој концепт не успеавме да го поразиме повеќе од деценија, ниту на локално, ниту на државно ниво. Ако Заев успее тој негов концепт да го наметне во СДСМ и да стане конечно лидер на СДСМ, а не лидер под кирија како досега, тогаш ќе биде скоро невозможно ние да победиме на следните парламентарни избори со нашиот ‘грујов концепт’“, објаснува Богојески.

Поврзани новости