Заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески во изјава за Фокус не сакаше да коментира дали вчерашната изјава на лидерот Христијан Мицкоски, дека тој не може да им кажува на граѓаните како да постапат на референдумот, може да се протолкува дека партијата нема да повика ниту на бојкот, ниту на гласање за или против. Богојески вели дека ставовите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ биле јасни.
-Ставовите на претседателот Мицковски искажани на вчерашниот митинг во Кичево беа јасни и би се воздржал од нивно парафразирање. Имаше повеќе поенти, но за мене како најважни би издвоил изјавата дека Македонија е на крстопат и само ние ќе одлучиме за патот по кој ќе одиме. Потоа неговата дирекна заложба за членство во ЕУ и НАТО, со акцент дека сепак овој Договор е неприфатлив за него. Искажа верување дека ние ќе го добиеме нашето место под чадорот на Обединета Европа, а за тоа нема партиите да одлучуваат, туку ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука ќе се поклониме, вели Богојески.
Тој додава дека од говорот на Мицкоски значајно е и истакнувањето на вредностите на ЕУ, каде нема брутална поделба на граѓанското ткиво, каква што има во Македонија.
-Нашата цел е создавање на општество на слободни луѓе, економски слободен народ и сл.
Сепак граѓаните покажуваат дека сакаат тие да ја донесат одлуката, а не некој друг. Во таа насока, секоја нивна одлука е конечна за политичарите, смета Богојески.