Од вработени во УБК бев предупреден дека моите комуникации се следат, а сум бил и физички следен, изјави поранешниот шеф на тајната полиција Слободан Богоевски, кој беше еден од сведоците во судскиот процес за незаконско прислушување Таргет-Тврдина.
-Како изминуваше времето, се повеќе добивав информации од вработени во УБК да пазам што зборам и со кого се сретнувам. Од 2009 година добив информации дека незаконски се барале ПИ-мерки против мене – рече Богоевски, посочувајќи дека го лепеле за разни случаеви само за да траат ПИ-мерките.
Тој тврди дека овие незаконски следени комуникации биле искористени за да се монтира случај против него и уште неколку други лица, каде, како што рече, единствен доказ е дека се познавал со двајца адвокати.
-Во сите случи на УБК и БЈБ е прекршен законот со снимање на спектакуларни апсења, со лажни сведоци, со незаконски прислушкувани разговори. Со овие постапки се кршел Уставот и Законот од страна на УБК каде шеф бил Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска и нивни блиски – рече Богоевски
Тој истакна дека претрпел голема штета, со оглед дека во притвор поминал со месеци, па затоа бара милион евра.