Слободан Богоевски, поранешниот шеф на македонската тајна полиција, сведочел во истрагата за поткуп во „Маѓар телеком“, односно дури шест часа бил испрашуван од адвокатите на обвинетите за поткуп во процесот во Њујорк истиот ден кога замина во затвор, објави интернет-порталот „Мејн џастис“ (Main justice), специјализиран за инсајдерски вести поврзани со активностите на американското Министерство за правда, вклучувајќи и 94 канцеларии на правобранителите во САД, а „Утрински весник“ пренесе дел од написот.
На СЕЦ им паднал во очи откако во интервју за неделникот „Фокус“ се пожалил дека може да биде уапсен со цел да биде замолчен околу случајот со „Маѓар телеком“, по што нивниот главен адвокат итно, ден по католичкиот Божик во 2014 година, долетал во Македонија да му земе изјава, имајќи предвид дека тој веќе имал покана за затвор за 29 декември.
Во сведоштвото дадено под заклетва и под целосна кривична одговорност, Богоевски сведочел дека тој ги договорил првите контакти околу „зделката“, а иницијатор бил неговиот пријател, грчкиот магнат Димитрис Кондоминас, при што во текот на 2005 и 2006 година било договорено мито за високи македонски функционери за да ја заштитат привилегираната позиција на „Маѓар телеком“.
Главната цел била, според сведочењето, да се спречат ефектите од новиот Закон за електронски комуникации со кој требаше да се либерализира пазарот и да се олесни влезот на Македонија во ЕУ. Натаму, според сведочењето на Богоевски, се’ се одвивало како на филм: првиот состанок на двете страни се одржал во декември 2004 година, веќе во јануари 2005 година, како што стои, „Грците“ им нуделе мито на македонските функционери, а работата кулминирала во мај истата година кога меѓу „македонската страна“ која била цел на поткупот и Елек Штрауб биле потпишани два тајни документи – Протокол за соработка со кој биле регулирани отстапките од страна на владата и „Нон пејпер“ во кој стоела временска рамка за исплатите на мито на нејзини високи претставници и на албанските коалициски партнери, без притоа да се спомене нечие име од таа страна.
За да се оствари плаќањето од страна на „Маѓар телеком“, според сведочењето, се направила шема на договори за консултантски услуги со компании сместени на Кипар што ги поседувал Кондоминас, кој ги подигал парите во кеш и ги давал на посредник кој според описот од Богоевски, играл улога на агент на македонскиот висок функционер кој требало да ги земе парите.
Агентот му ги давал парите на тој функционер и за возврат добивал потврда дека се примени, а за да може да ги пренесува парите преку граници, добил функција и дипломатски имунитет од страна на највисоко место во владината хиерархија. Парите, пак, на албанските претставници биле носени директно во Тетово, при што таа постапка била повторена трипати, кога како вкупно мито според Богоевски и приложените документи, легнале трипати по 2,5 милиони евра. Притоа „Маѓар телеком“ барал не само да не се дозволи конкуренција на неговата компанија на македонскиот пазар, туку и да не се продаваат акциите на друга компанија, иако самиот не сакал да ги откупи.