Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, вели дека нема службен телефон, туку дека го користи неговиот приватен мобилен телефон, кој самиот го плаќа. По вчерашните реакции на социјалните мрежи дека во буџетот на Општината за 2018 година се предвидени 550 евра за телефонски услуги и телефекас на градоначалникот, Богоев вели дека се работи за ставка која ја наследил од неговиот претходник, Стевче Јакимовски.
„Околу претпоставената сума, со која се манипулира по социјалните мрежи, информирам дека станува збор за идентично пресликана буџетска ставка од ланскиот Буџет (Буџетот за 2017-та) година, која се однесувала на потребите на тогашниот градоначалникот. Ниту имам потреба ниту во било која прилика сум побарал толкав износ за телефон кој би го користел за службени потреби“, напиша тој на својот фејсбук профил.
Богоев додава дека во буџетот за следната година ќе бидат скратени непотребните трошоци и луксузирања.
„Новиот Предлог – Буџет за 2018 година ќе биде тема на расправа на следните седници на комисиите на Советот на Општината, како и на седница на Советот на Општина Карпош, кој во основа, овој пат, има рестриктивен карактер. Инаку, интенција на буџетот за наредната година е да се оди на минимализација на трошоците по повеќе основи, односно Буџетот да биде стабилизациски, со цел да се консолидира финансиската сосотојба во Општината и расположливите средства да се насочат кон вистинските приоритети и потреби на граѓаните“, посочува тој.