Богоев најави ревизија на Деталните урбанистички планови донесени во време на Јакимовски

by fokus

При секое носење на Детални урбанистички планови во општина Карпош ќе се користи Зелен Урбан Кодекс за да се заштити зеленилото во оваа општина, најави кандидатот на СДСМ и коалицијата за градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев. Со овој кодекс би се направил и попис на целосното зеленило во општината, а би се направиле и нови парцели за зеленило кога ќе се носат Деталните урбанистички планови.

-За жал, во општина Карпош, парковите и зеленилото се повеќе и повеќе се намалуваат и се повеќе и повеќе се запуштени. Ние како идна локална власт во општина Карпош, се обврзуваме пред граѓаните да обезбедиме чист воздух и здрава животна средина за живеење – изјави Богоев.

Тој најави и ревизија на Деталните урбанистички планови донесени од власта на градоначалникот, Стевче Јакимовски, кои, рече, имале за цел да го уништат зеленилото за сметка на нови градежни парцели и нови бетонски згради.

– Тоа се особено Деталните урбанистички планови за Тафталиџе 1, Карпош 3 и Карпош 4 и секаде онаму кадешто има сомнителни активности или сомнежи за криминал при носењето на Деталните урбанистички планови – изјави Богоев.

Заедно со кандидатите за советници на коалицијата, Богоев денеска го собираше ѓубрето во малото паркче во Карпош 2.

Поврзани новости