Бахчованска, сопруга на висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, ги отфрли бомбите за апсењето на Бошкоски

by fokus

Кривичниот суд на барање на одбраната ги отфрли „бомбите“ како докази во случаите на СЈО, „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“. Ова значи дека судијата Моника Бахчованска, која треба да го оцени обвинителниот акт за случајот „Тортура“, односно нечовечкото апсење на Љубе Бошкоски, ја донела одлуката да ги отфрли бомбите како доказ.

Судијката Бахчованска е сопруга на поранешен висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, а претходно таа самата побара да биде изземена од оцена на обвиненијата за два предмета на СЈО, „Труст“ и „Тотал“.

Бомбите да не се користат како доказ во случајот „Топлик“, оценила и судијката Ленка Давитковска, која одлуката ја донела заедно со уште двајца судии, бидејќи делата од организиран криминал се на оцена кај Совет, а не судија поединец, како во случајот со Бахчованска.

За оцена обвинителниот акт за случајот „Тендери“, пак е назначен судијата Ивица Стефановски, кој исто така со уште двајца судии одлучиле бомбите и во овој случај да не се користат како доказ.

Советите за оцена на обвинителните акти од организиран криминал се составени од по тројца судии, но во сите нив ротираат шестмина и тоа судиите Ленка Давитковска, Ивица Стефановски, Лидија Петровска, Горан Бошевски, Верка Петковска и Татјана Михајлова.

 

Во случајот „Тендери“ обвинета е екс министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“.

За случајот „Топлик“ осомничени се шест лица од министерството за транспорт и врски за изградба на „Сончев град“.

„Тортура“ се однесува на апсењето на поранешниот министер за внатрешни работ, Љубе Бошкоски.

Против овие неправосилни решенија, дозволено е право на жалба во рок од 3 дена до Апелациониот суд – Скопје. Апелација, нодамна, ги прифати „бомбите“ како докази за случаите „Шамарите во Центар“ и случајот „Триста“.

В.В.

Поврзани новости