Се уште актуелниот градоначалник на Карпош Стефан Богоев вели дека уште пред неколку месеци пред раководството на СДСМ посочил дека немам амбиција за втор мандат во Карпош и, како што истакнува, се договориле да преземе одговорност во централната власт.
„Во најголема мера ова е моја лична одлука, иако на анкетите (членство/јавност) бев убедливо прв, со сигурна победа во првиот изборен круг. Зошто оваа одлука? Затоа што иако сум млад, не се водам од таков тип на емоции и еуфорија за изборна победа. Не поаѓам секогаш од себе и знам дека СДСМ ќе нижи уште многу успеси и победи во Карпош. Затоа што сметам дека Карпош е повторно на здрави нозе, финансиски стабилизирана општина. Ја вративме довербата во локалната самоуправа. Урбанизацијата е во одреден колосек. Направивме нови градинки, маалски паркови, ги подобривме условите во основните училишта…“, напиша Богоев на фејсбук.
Тој упати честитки до новиот кандидат за градоначалник Душко Весковски, порачувајќи му да не отстапи од програмските определби за заштита на животната средина, планска и хумана урбанизација, заштита на јавниот простор, интензивно одржување на јавната хигиена.