Носителот на листата Слободан Богоески на коалицијата за ПРОМЕНИ и ПРАВДА, заедно со дел од кандидатите за пратеници, денеска беа во посета и средби со граѓаните во Неготино и населените места околу Неготино, Тимјаник, Пепелиште.
За разлика од изборната кампања на владејачката партија, Коалицијата за ПРОМЕНИ И ПРАВДА информира дека тежиштето го има ставено на непосредни средби со граѓаните, бидејќи нејзиното мото е: „ние бараме поддршка за народни пратеници, а не бараме поддршка за поданици на партијата.“
На прес – конференцијата во Неготино, на граѓаните им се обратија кандидатите за пратеници од Неготино, проф. – Ванчо Петров и носителот на листата Слободан Богоески.
Богоески, како што се вели во соопштението до јавноста, истакнал дека проблемите со кои се соочуваат граѓаните извираат од отуѓената и криминализирана власт.
„Повеќе од 25 години во Македонија се збогатува и јакне државата на сметка на осиромашувањето на нејзините граѓани“, рече Богоески и најави и дека после изборите најважно е да се стабилизира државата и да се направи рационална државна власт (намалување на министерствата во владата на 50%, укинување на непродуктивните агенции, управи и тела кои непотребно трошат пари, а само му го отежнуваат животот на обичниот човек).