Богдановиќ се сретна со станарите што живеат кај „Авто Македонија“: Ќе се бориме да не почне изградбата на барокна гаража!

by fokus

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ денеска оствари средба со жителите на општина Центар, станари кои живеат кај „Авто Македонија“ кои се револтирани од ситуацијата со која се соочуваат и најавената изградба на осумкатна барокна гаража пред нивните станови.

Богдановиќ порача дека ќе се преземат секакви мерки, за да не дојде до градење на таков објект и просторот да си остане паркинг за граѓаните.

„Тука има 70 отсто за изградба на катна гаража и 30 отсто за деловен објект. Ако се земат цените кои се во уредбата за продажба на јавно земјиште, тие се 5000 денари, а овде почетната цена е 1800 денари. Со самото тоа, целиот јавен повик треба да биде ништовен и со тоа да немате ни договор. Ние откако го презедовме земјиштето, ги добивме предметите и веќе покренавме постапка по основано сомнение за оштетување на буџет и злоупотреба на службената положба и чекаме одговор. Има поднесено две кривични пријави од граѓаните и според нив, ништо не е преземено. Моја претпоставка е дека дознале инвеститорите. Апелирам до надлежните институции да реагираат за да се даде времена мерка од обвинителството и да се расчисти целиот случај. Мора прво да се поништи договорот, а откако ќе се стори тоа, земјиштето ќе биде вратено во владение на државата и ние ќе го вратиме во својата првична функција. Затоа брзаме да се реагира. Ако обвинителство ги потврди нашите сомневања, ќе дојде до раскин на договорот. Во изминатиот период се обидувавме човечки да најдеме разбирање, а органите со овој чекор мислам дека ќе се освестат да направат некои чекори. Ќе почнеме да бараме правни процедури, знаете дека со граѓаните сме имале мили и немили настани и ќе се трудиме градба да не се случи“, истакна Богдановиќ.

Ј.Ц.

Поврзани новости