Неспорно е дека кандидатот за градоначалник на СДСМ во Центар ги изненади гласачите. Саша Богдановиќ, директорот на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ за кратко време се издигна високо во партијата, доволно за да му парира на досегашниот градоначалник, Андреј Жерновски, кој во 2013 година ги проби бедемите на ВМРО-ДПМНЕ со тоа што го освои мандатот во оваа општина. Четири години подоцна Богдановиќ зборува со пофалби кон него. Вели дека Жерновски постигнал многу, земјаќи ги предвид условите во кои што работел. Но во медиумите блиски до нивните политички опоненти и двајцата беа редовно на мета. Богдановиќ го следеа обвинувања за партиски вработувања и за лошо управување со претпријатието. Освен тоа во јавноста излезе и пресметка која покажува примања од 119.000 евра. Тој не одговара колкава му била месечната плата во ПОЦ.
Разговараше: Маја Васева
ФОКУС: Неизвесноста за кандидатот на СДСМ и коалцицијата во Центар траеше до последен момент. На што се должеше тоа?
БОГДАНОВИЌ: СДСМ е демократска партија во која се негуваат внатрепартиските демократки процеси. Имаше демократски процеси во партијата во кои се одбираа кандидати за градоначалници во повеќе општини, токму со цел да се изберат најдобрите, кои ги чувствуваат проблемите на граѓаните и знаат како да ги решат. Секако дека удел имаа и мерењата на јавното мислење и довербата што граѓаните ја имаат во кандидатите. Неизвесноста за кандидатот на СДСМ во Центар траеше и поради кандидатурата на актуелниот градоначалник Андреј Жерновски, како независен кандидат, кој потоа ја повлече во договор со премиерот Зоран Заев и влезе во централната власт.
ФОКУС: Како го оценувате мандатот на Жерновски?
БОГДАНОВИЌ: Градоначалникот Андреј Жерновски имаше успешен мандат како градоначалник на Општина Центар соодветни на условите во кои работеше. Тој почна изградба на ново основно училиште во Капиштец, која е голема населба со многу деца кои учат во соседните населби, наместо во својата. Жерновски негуваше транспарентно носење на одлуките во општината, како што и треба во која било власт, а особено во локалната каде одлуките директно влијаат на секојдневието на секој граѓанин. Тој воведе субвенционирање на набавката на нови велосипеди, па други градоначалници го копираа проектот, затоа што е навистина добар и е од голема корист за сите. Белег на неговиот мандат е и брендирањето на боемските делови од Дебар Маало, со што се нијансира шмекот на урбаниот живот во ова старо и многу популарно скопско маало.
Секако, тој може, но и не мора да биде задоволен од постигнатото во неговиот мандат, особено што имаше слаба соработка со Град Скопје за заедничките инфраструктурни проекти и никаква соработка, а на моменти и опструкции во работата од централната власт. Секогаш може и подобро, но во такви услови, сработел добро.
ФОКУС: Имавте ли несогласувања во релациите со Жерновски, како се одвиваше соработката во последните месеци од истекот на неговиот мандат?
БОГДАНОВИЌ: Секој што соработува мора да има несогласици, но се додека тие несогласици се во позитивна насока кон подобро завршена работа, наместо кон полошо – се добри за сите.
ФОКУС: Колку изнесуваше вашата плата како директор на ЈП ПОЦ
БОГДАНОВИЌ: Мојата плата како директор на ПОЦ не е тајна и е соодветна на обемот на работата и одговорноста која ми е дадена.
ФОКУС: Дали освен платата сте побарале дополнителен надомест од управниот одбор на претпријатието?
БОГДАНОВИЌ: Управниот oдбор е тој што, согласно одредбите во Статутот на Јавното претпријатие и деловникот за работа на Управниот одбор, има овластување да одлучува за употребата на средства остварени со работењето на јавното претпријатие и за наградување на директорот на претпријатието.
ФОКУС: Бевте обвинувани во последните години дека ПОЦ работи со загуби. Каква е моменталната финансиска кондиција? Има ли ПОЦ долгови и неподмирени сметки?
БОГДАНОВИЌ: Може да бидам обвинет за што било во денешно време кога фактите ја губат својата вредност при формирањето на јавните ставови и судови, но ПОЦ не работи со загуби. Напротив, ПОЦ работи со добивка во изминатите години. На годишно ниво сумата не е висока, ПОЦ не прави милиони, но сепак значајно е што се работи за добивка, а не за загуба. Да ја потсетам јавноста дека денес малку општински јавни претпријатија во Република Македонија можат да се пофалат со позитивни годишни финасиски извештаи. ПОЦ е меѓу ретките кои не само што имаат ќар наместо минус на крајот на годината, туку тоа го постигнува и без доделени субвенции за работењето од општинската каса, како што е случајот со другите успешни претпријатија, чиј успех се должи токму на финансиските инјекции од градскиот или општинските буџети.
ФОКУС: Освен тоа ве напаѓаа за превработеност и партиски вработувања во претпијатието. Зголемен ли е бројот на вработени за овие четири години
БОГДАНОВИЌ: Нема партиски вработувања во ПОЦ. Оваа влада предводена од СДСМ, меѓудругото, ќе ја врати и довербата на обичниот човек во системот и институциите дека партиската припадност или членство не играат никаква улога дали некој ќе се вработи или не, туку исклучиво способноста и квалификациите на работникот. Кадрите на ПОЦ се професионални и вработени на конкурси, а бројот на вработените е соодветен на обемот на услугите што ги нуди општинското претпријатие за паркирање.
ФОКУС: Какво решение ќе предложите за сообраќајниот проблем во Дебар Маало?
БОГДАНОВИЌ: Не само Дебар Маало, сообраќајот низ целата општина мора да биде одново проценет и соодветно на добиените податоци, да се изготви нов сообраќаен режим. Планираме воведување на зони на смирен сообраќај со намалена брзина, ослободување на тротоарите, изградна на велопатеки и други проекти, кои се дел од мојата изборна програма на овие локални избори.
ФОКУС: Градежната експанзија не запира ниту на Водно и покрај опасноста од лизгање на земјиштето, а се уништува и парк шумата. Како гледате на овој проблем и на урбаната мафија која изнуди изградба на десеткатнуца зад која стои сомнителна сопственичка структура?
БОГДАНОВИЌ: Градежната експанзија не почна сама од себе, туку системот и овозможи да го земе замавот што го сведочиме. Мојата цел како градонаалник е да ја сопрам таа експанзија во Центар, а детаљи како тоа ќе го направам има во мојата предизборна програма.
ФОКУС: Дел од јавноста бара дислоцирање на спомениците во Центар поставени во рамките на проектот „Скопје 2014“. Владата најави дека ќе одлучува за сите објекти поединечно. Кој е Вашиот пристап за спомениците? Рушење или да останат такви какви што се, таму каде што се
БОГДАНОВИЌ: За објектите од „Скопје 2014“ ќе одлучува Владата на Република Македонија која веќе формира стручно тело за таа намена. Тој мегаломански, прескап и непотребен проект е дело на претходната централна власт и новата централна власт ќе го каже конечниот збор за зградите и спомениците. Мој став и пристап е дека спомениците нема да го подобрат квалитетот на животот на жителите на Центар, туку подобрите услови во градинките, училиштата, поголемата безбедност на улиците, обновеното зеленило, чистите и уредени јавни површини, развиената екологија итн. Тоа се моите надлежности како градоначалник и на овие теми планирам да ја тошам концентрацијата и енергијата во наредниот период.
ФОКУС: Дали ќе го направите она што Жерновски го вети, но не го изврши, дали ќе ја срушите терасата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ?
БОГДАНОВИЌ: Јас сум обврзан да ги исполнам само моите ветувања, не и оние на мојот претходник Жерновски. Во врска со тој случај јас ќе постапувам исто како и кон кој било друг случај – исклучиво во согласност со законите.
ФОКУС: Дали ќе продолжите со поддршката за кошаркарскиот клуб „Работнички“ кој го помагавте финансиски како директор на јавното претпријатие?
БОГДАНОВИЌ: На ова прашање одговорот е јасен и недвосмислено потврден. Како општински градоначалник ќе имам уште поголеми можности и ингеренции да му помогнам на општинскиот кошаркарски клуб и нема да пропуштам ниедна можност да го поддржам клубот на неговиот пат кон спортската елита и надвор од Македонија.