АРХИВА Интервју: Уште пред отказот ја искинав книшката на ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

Текстот е објавен на 20 декември, 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 950

Разговарала: Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС: Вие сте меѓу првите лекари во јавното здравство со долгогодишно работно искуство кој доби отказ од скопските клиники. Пред две години ве избркаа од Клиниката за ортопедија. Која беше причината за тоа?

НОШПАЛ: Не сум прв. Пред мене избркаа уште двајца, една колешка од Токсикологија и еден колега од Рентген-институтот. Исто како во мојот случај, така и кај нив, главно, проблемите беа со директорите, како и со откривањето деловни тајни на клиниките. Јас колку што знам, и двајцата се добри работници, но не им се омилени на директорите. Мојот отказ беше поради оддавање деловна тајна и непочитување на хиерархијата, а јас само ги кажав проблемите што ги имаат болните. Во тоа време бев началник на ортопедското одделение и не дозволував никој да ми се меша како да работам и како да го водам одделението.

ФОКУС: Во времето додека бевте вработен на клиниката, вие јавно ги споделувавте сите проблеми со кои се соочуваат пациентите. Без влакна на јазикот, излегувавте на пресови, протестиравте пред ресорното министерство, баравте правда, а во меѓувреме си создадовте непријатели меѓу менаџментот на клиниката и колегите. Зошто?

НОШПАЛ: Првичниот проблем почна со формирањето на Траума-центарот, односно со спојувањето на четирите клиники. Јас почнав да се бунам бидејќи, според мене, невозможно е ортопедија да биде со КАРИЛ и со Ургентен центар заедно.Тоа нема никаква логика. Ортопедија носи пари, Трауматологија исто така, КАРИЛ и Ургентен центар се апсолутни губитници затоа што само трошат пари. Во тој период, ние се побунивме против ваквата одлука и по наша иницијатива, како вработени, го сменија директорот и го поставија Илир Хасани. Тој во целата приказна беше изгубен. Не знаеше ни што работи, ни како работи! Откако почнав јавно да ги споделувам проблемите, почна и првиот мобинг врз мене. Хасани сакаше да ме смени од началник на ортопедското одделение. Врз мене секојдневно година и пол се правеше мобинг, имаше притисоци и закани, ама некако издржав. Потоа на директорското столче седна Реџеп Селмани, со што мобингот и притисоците уште толку се зголемија.

ПАЦИЕНТИТЕ СТРАДААТ АКО СЕ ПРЕМОЛЧУВААТ ПРОБЛЕМИТЕ

ФОКУС: Бевте ли свесен во каков оган влегувате?

НОШПАЛ: Секако дека бев свесен што ќе ми се случи, но, сепак, некој мора да каже. Ако не кажеме, ништо. Пациентите ќе страдаат, а проблемите ќе тапкаат во место. Што имаме корист од молчење? На пример, јас работев две до три тешки операции на протези дневно. За да ми се одмаздат, ми го намалија бројот на операции на една неделно. Потоа бројот на операции на сите лекари се намали од три дневно на три неделно. Тоа нема логика. Зошто тогаш постои Клиниката за ортопедија? Што ќе работат 20 ортопедски хирурзи со мал број операции? Тоа го направија само за да се заштедат пари. Во меѓувреме, на клиниката четири години немаше распишано тендер за протези. Многу пациенти сами си ги купуваа, па потоа Фондот мораше да им ги враќа парите. Ако една протеза чини 1.000 евра на тендер, пациентот сам да си ја купи, чини 2.000 евра.

ФОКУС: Што ја прелеа чашата, па работата отиде до суспензија, а подоцна и до отказ?

НОШПАЛ: Во сите проблеми во тој период се погодија две пациентки. Едната од Битола и едната од Скопје. Битолчанката имаше скршеница на ставена протеза на колк. Колегите, знаејќи дека само јас можам да ја оперирам, ја препратиле на клиника. Но, ние во тоа време немавме материјал за работа. Таа чекаше Клиниката да ја набави протезата, но таа не ја набави. Потоа таа сама си ја купи со нејзини пари и тогаш Министерот одлучи да стави забрана за купување протези. На пациентката ѝ наредија да ја врати, божем Клиниката ќе ја купи. Во меѓувреме ја шетаа наваму-натаму, чекаше дури 72 дена за операција, а мене во истиот период ме суспендираа.

ФОКУС: Нели е тоа опасно за нејзиниот живот?

НОШПАЛ: Како не е опасно? Може да умре. Таа сама се пожали на медиумите низ каков хорор поминува на Ортопедската клиника. Тоа директорите го искористија против мене, ми забранија да оперирам, а 70 пациенти беа ставени на листа за чекање. Јас го правев списокот и потоа го дадов на увид. Не ги објавив јавно имињата на пациентите што чекаа за операција. Кај мене, во компјутерот, и ден-денес постои тој список. Едната од нив почина чекајќи за операција. Тоа е страшно што се случува.

ФОКУС: Планиравте ли да си заминете од Ортопедија?

НОШПАЛ: Не. И по сѐ што поминував таму, воопшто не помислував да си одам. Јас речиси три децении ја оформував оваа клиника. Целиот труд и работа ги вложив таму, зошто така лесно да се откажам?

ФОКУС: Но, не ви се исполни желбата. Менаџментот на клиниката ве избрка од работното место каде што градевте кариера 27 години?

НОШПАЛ: Дента кога требаше да одам на одмор, влегува чистачката и ми дава две писма. Ги отворам, едното − решение за суспензија, другото − решение за дисциплинска комисија. Во еден ден, под еден број заведени во дневник. Ме суспендираа. Во тој период ми се јавија од Кошаркарскиот сојуз да одам со нив за Литванија. Иако суспендиран, јас си поднесов барање до Клиниката да ми одобрат да одам. Додека не тргнав, немав ништо повратно. Отидовме во Литванија и таму се јави секретарката од Кошаркарски сојуз дека има писмо за мене. Во писмото пишуваше дека не ми се дозволува да одам, а на него потпишан директорот.

ФОКУС: Беше ли сѐ според закон?

НОШПАЛ: Каков закон? Ништо не се почитуваше. За побрзо да добијам отказ, експресно формираа нова дисциплинска комисија. Нејзин претседател беше Илир Хасани, а имаше уште двајца претставници, еден од Клиниката и еден од Синдикатот. Од нив тројцата, само Хасани навиваше да ми се даде отказ, а и на документот беше потпишан само тој, но не и другите претставници на Комисијата. Во рок од еден месец ми го врачија отказот.

НЕ САКАА СО МЕНЕ ДА СЕ СРЕТНАТ НИТУ ТОДОРОВ, НИТУ ГРУЕВСКИ

ФОКУС: Пред еден месец Апелација ја потврди одлуката на скопскиот Основен суд 1 дека сте незаконски избркан од работа. Сега откако е пресудено во ваша корист, директорите на Клиниката пак не ги почитуваат законите?

НОШПАЛ: За осум дена требаше да ме вратат на работа. Од директорот на Клиниката нема никаков одговор, а раководителот ме викаше да се појавам на состанок. Како ќе се појавам, кога никој не ме вика? Нема да си играме мали деца сега. Мојот адвокат поднесе барање до нив да ме вратат и да ми ги исплатат сите плати со камати. Но, сѐ уште чекам одговор. Ќе ја терам работата до крај. Ќе поднесам уште една тужба против директорот Реџеп Селмани и Илир Хасани, а можеби и против Клиниката. Првенствено ќе ги тужам за нарушен углед бидејќи не изгубив само јас, туку изгубија и болните. По две години сѐ уште ми се јавуваат пациенти кои не се оперирани.

ФОКУС: По целата драма, баравте ли средба со министерот Никола Тодоров?

НОШПАЛ: По добивањето на отказот со сите барав средба, па дури и со премиерот Груевски. Никого не го интересираше да ја слушне мојата страна и да реагира. Тодоров досега го немам воопшто запознаено, а премиерот го имам видено еднаш одамна. Само едно знам, дека никому не му е гајле за проблемите на лекарите.

ФОКУС: Пред неколку години во медиумите се пишуваше дека Клиниката за ортопедија нема сапуни и тоалетна хартија, а лекарите ги немаат основните материјали за работа. Вие веќе две години не сте таму. Се променило ли нешто во меѓувреме?

НОШПАЛ: Не, ништо не е променето. Дури е полошо. Има повторно рестрикции. Имаше еден тендер што бомбастично се најави и оттогаш досега од тоа нема ништо. Немаат материјали, немаат протези, на лекарите не им даваат да оперираат. Директорот Реџеп Селмани е општ хирург, не може да ги знае ортопедските проблеми, за да ги реши. Додека некои си играат здравство, пациентите умираат чекајќи за операција. Не може човек како министерот, што нема никаква врска со медицината, да води здравствена установа, а камоли Министерство за здравство. Тоа е мое лично мислење. Немам ништо против него, меѓутоа тоа што тој го раководи здравството е нонсенс.

ФОКУС: Во ништо поразлична состојба не се ни другите клиники и болници?

НОШПАЛ: Условите за работа во јавните здравствени установи се како во средниот век. Лекарите и медицинскиот персонал работат во мизерни и катастрофални услови. Го достигнаа дното. Ако нешто малку се поправи, тоа го прават вработените со свој сопствен труд. Ниту директор, ниту министер. Проектот за реновирање е само фалење на владата. Во такви услови едвај се работи. Да донесете овде американски или германски доктор да работи, не може да се снајде.

ФОКУС: Па, нели доаѓаат лекари од странство на обуки?

НОШПАЛ: Тие лекари таму имаат идеални услови за работа, а ние тука импровизираме бидејќи сме навикнати и имаме тренинг. Пред неколку години професор од Чикаго ми асистираше за една тешка операција, што ја завршив за 45 минути. Тој беше изненаден како во такви страшни услови за работа може да се изведуваат толку тешки операции? Дури ми рече, „Ти не си нормален, како го направи тоа“? А, што да му кажам, кога немам друг избор.

ФОКУС: Постои ли страв меѓу лекарите јавно да си ја кажат маката?

НОШПАЛ: Да, и тоа многу. Се плашат да отворат уста и нешто јавно да кажат затоа што може да ги следи мојата судбина. Дел од директорите ги користат максимално сите средства за да ги замолчат. Од најбанални ситници, како намалување на операциите, понижување, притисоци, мобинг, па сѐ до суспензии и откази. Кај сите владее огромен страв. Кога се споија четирите клиники во една, во времето на Бујар Османи, Ортопедската клиника првпат излезе пред Министерството да се побуни, на чело со мене. Во една пригода свикавме прес-конференција, бевме десетмина лекари. Додека се свртев, гледам, зад мене нема никој. Оттука може да се види колкав е стравот?

ФОКУС: Дали сте добиле некогаш некоја непристојна понуда за да ве замолчат?

НОШПАЛ: Заменик-министерот пред неколку години ме викна на разговор и ми вели: „Ај, престани да зборуваш и да критикуваш јавно, ќе те поставиме за  раководител“. Го прашав, што ќе постигнат со тоа? Цела ортопедија застана зад мене, а јас од утре ќе им станам раководител и ќе им кажам, извинете, пу, пу, не важи тоа досега што се буневме. Властите ја уништија најјаката клиника на скопскиот Клинички центар. Пациенти од цел Балкан доаѓаа тука да се оперираат. Сега немаме пациенти ни од Македонија.

САМО ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ ПАРАДИРААТ ПО КЛИНИКИТЕ

ФОКУС: Министерот Никола Тодоров постојано најавува нови вработувања во јавното здравство. Само за оваа година се пофалија со вработување на околу 800 лекари и медицински персонал. Кој е вашиот став за тоа?

НОШПАЛ: Ова не се случува само во здравството, туку во целата држава. Односно, доаѓаат млади и неискусни, а си одат старите и искусните лекари-специјалисти. Тоа е смена на кадрите. Пред неколку месеци министерот имаше прес дека лекарите ќе се вратат од приватното во јавното здравство. Кој сака да се врати? Никој. А, во меѓувреме веќе дава бројки колку лекари се вратиле. Јас колку што имам информации, ниту еден од колегите што отишле приватно да работат, не се вратил.

ФОКУС: Но, сепак, се вработуваат лекари?

НОШПАЛ: Сите лекари што се примени во јавните здравствени установи се партиски војници. Па, и од приватното во јавното здравство се вратиле некои партиски војничиња. Тоа е влегување на клиниките на мала врата, без конкурс.

ФОКУС: Ако партискиот клуч ја игра главната улога, ќе бидат ли болните оставени во сигурни раце?

НОШПАЛ: Не знам, тоа се лекари-почетници. Не сум баш сигурен дека пациентите се згрижени добро во нивни раце.

ФОКУС: Постои ли превработеност во јавните здравствени установи?

НОШПАЛ: Во болниците кубурат со средномедицински персонал. Воопшто не се ни прима таков кадар. Превработувањето е во докторскиот дел. На клиниките сега има минимум 30 отсто лекари кои ништо не работат, примаат плата, ама партискиот клуч е главен во целата приказна. Администрација, исто така, има премногу. Може да се каже дека поради тоа и ги растурија клиниките, за да се вработат сите партиски кадри.

ФОКУС: Што мислите за повикот на министерот за враќање на лекарите од странство?

НОШПАЛ: Се прашувам кој би напуштил златна и добро платена работа со одлични услови, за да дојде да работи за 500 евра во клиниките и во болниците. Јас, кога добив отказ, земав 700 евра. Не знам како ќе ги примами лекарите од Германија, Кувајт и Дубаи да се вратат за 500 евра тука, а таму земаат 10 пати повеќе.

ФОКУС: Веќе осум години власта од уста не ги вади реформите што ги прави во здравствениот сектор. Постојано се фали со повисоките плати и со новата медицинска опрема, а пациентите повторно страдаат?

НОШПАЛ: Јавниот здравствен систем треба да оди под Буџетот на Македонија.Не е логично парите од Фондот за здравство да се трошат за плати на доктори и на медицински сестри. Тие се одвоени исклучиво за лекување на пациентите. Не е дозволиво јас, како здравствен работник, да примам плата од таму. Факт е дека само 40 отсто од парите на ФЗОМ одат за плати. Тоа може да биде наменето само за лекување на болните. Зошто пациентите не можат сами да изберат дали ќе се лекуваат во приватно или во јавно здравство? На пример, ќе дојде пациент кај мене да се оперира. Ако интервенцијата е 1.000 евра, 700 евра да покрие Фондот, а 300 евра пациентот.

ФОКУС: Нели министерот Тодоров и премиерот Груевски за здравствените реформи во македонските болници учат по примерот од европските земји?

НОШПАЛ: Тие пред неколку месеци беа во Чикаго и ја посетија тамошната ортопедска клиника. Јас таму сум бил пред 15 години. Во таа болница ми беше првата едукација за ендопротетика. Досега минимум 15 ортопеди од Македонија имаат отидено таму на доедукација. Значи, со тоа што Тодоров сега договара некаква соработка за обука, не измислил топла вода. Тоа не е ништо ново. Треба подобро да се информира. Ние сме веќе едуцирани таму одамна, што пак ќе одиме?  Последното што го кажа е дека ќе оделе колеги на обуки во Загреб. Јас во 2006 година бев во Сисак, во Загреб, и ги учев таму да ставаат колено. Јас одев да ги учам нив пред осум години, што ќе нѐ учат тие сега нас? Во земјава има способни лекари, нека донесе тој колеги ние тука да ги едуцираме, па тие да ни платат нам. Не ние да им плаќаме ним.

НАЈГОЛЕМИТЕ БЕЗРАБОТНИЦИ СО ВМРОВСКИ КНИШКИ СЕ НАГРАДЕНИ

ФОКУС: Само во последните три години скопските клиники направија долг од вртоглави 50 милиони евра. Ќе дојде ли до колапс во јавното здравство?

НОШПАЛ: До колапс сигурно ќе дојде ако продолжат со ваквото темпо на задолжување. Може клиниките нема да останат без струја, вода или парно, ама ќе мора да се редуцира бројот на вработените и администрацијата. Исто така, треба да се престане со шетање на лекарите-специјалисти по другите градови. Медицината не функционира вака, таа функционира хиерархиски. ВМРО-ДПМНЕ тоа го имаше во програмата во 2006 година, во една црвена книга, „Преродбата во 100 чекори“, но оттогаш поминаа осум години и нема ништо.

ФОКУС: Што значи тоа?

НОШПАЛ: Тоа значи дека во Делчево треба да има способен лекар кој ќе може да постави дијагноза на пациент. Ако не, треба да има служба што ќе го префрли пациентот во Велес, а ако не можат таму да му помогнат, ќе го донесат во Скопје. Не може ние во секој град да правиме клинички центар. Факт е дека секој град треба да има добро опремена болница која ќе се справи со пациентите. Примарното здравство ќе биде во помалите градови и во приградските населби, секундарното ќе биде во поголемите, а терцијарното во Скопје. Да се има ред и поредок. Министерот се појавува секој ден, само се слика и промовира. Нашиот народ тоа го гледа и се воодушевува. Си викаат „Види, пак нешто направиле“ и за тоа и ги гласаат.

ФОКУС: Точно пред една година вашите колеги штрајкуваа повеќе од 40 дена, барајќи да се укине проектот „плаќање по успешност“. Речиси сите лекари беа на нозе бидејќи тој проект им нанесе повеќе штета отколку корист?

НОШПАЛ: Овој проект е една голема фарса. Парите се исти. Речиси 80 отсто ја добиваат истата плата, 10 отсто добиваат помала плата и 10 отсто добиваат поголема плата. Јас, на пример, правев 120 ендопротези годишно. Некои колеги немаа ни по 10 операции. Работата е јас да имам 12 пати поголема плата од нив. Тоа е плаќање по учинок. Кај нас поголема плата земаат лекарите блиски до директорот или до министерот.

ФОКУС: Мислите, наградите се делат по партиски список?

НОШПАЛ: Списоците на наградените лекари се јавни, ги видовме сите, и што видовме? Најголемите безработници на Ортопедија три месеци едноподруго беа наградувани. Има луѓе што работат таму, тие не се наградени, а најголемите шетачи на Клиниката со книшки од ВМРО-ДПМНЕ добиваат двојна плата. Не оди тоа така.

ФОКУС: Министерот Тодоров беше прв министер кој со судска пресуда забрани штрајк на лекарите?

НОШПАЛ: Па, нели е правник, си ги знае законите. Но, во таа ситуација требаше да реагира премиерот. На овој министер му се дадени многу поголеми права од тие што ги заслужува. Каков било потег да направи, не му одговара. Зошто е тој заштитен? И тој пред некого треба да одговара. Еве, за мојот случај докажано е дека незаконски сум избркан, докажано е каде е сѐ згрешено. Некој мора да одговара за тоа што ми го направија. Ај, не мора да одговара поради мене. Нека одговара за тоа што им направил лошо на 70 пациенти што беа ставени на листа на чекање. Демек, се борат за правата на пациентите, а испаѓа дека тие се најмалку важни во целата приказна. Тодоров сега треба да реагира и да го смени директорот Реџеп Селмани.

ФОКУС: Што се случи со штрајкот? Каде се изгуби целата енергија на лекарите и медицинскиот персонал?

НОШПАЛ: Не бев дел од штрајкот затоа што добив отказ. Според мене, лекарите беа замолкнати. Факт е дека со штрајкот моите колеги не добија ништо. Можеби само одредени од нив. Како и да е, се забошоти сѐ.

ФОКУС: Бидејќи живееме во партизирано општество, каде што сѐ е сведено на политиката, дали сте член на некоја партија?

НОШПАЛ: Бев политички определен. Имав книшка од ВМРО-ДПМНЕ, но немам веќе, ја искинав.

ФОКУС: Тоа го направивте пред отказот или потоа?

НОШПАЛ: Ја искинав уште пред да го добијам отказот. Јас секогаш сум на страната каде што е правдината и каде што правилно се постапува.

Рамка 1

ШТИПСКАТА БОЛНИЦА Е КУЌА НА СТРАВ И УЖАС

ФОКУС: Пациентите постојано се жалат дека имаат страв кога ќе влезат во некоја од македонските болници. Вие сте оперирале низ цела Македонија. Го делите ли нивното мислење?

НОШПАЛ: Штипската клиничка болница е куќа на страв и ужас. Слично такво чувство имав во Бугарија, каде што оперирав еден пациент. На времето таа била една од најуспешните ортопедски болници. Влеговме во зградата, во еден голем ходник. А, таму, црна темница, нема ни светло, ни ништо. Излезе еден човек и ни вика, застанете, не одете понатаму. Кога, гледаме една дупка на средината. Од три ката, работи само еден. Страшно. Тука некаде е и штипската болница. Во салата за операции кога ќе влезеш, да те фати паника. За прилепската болница да не зборуваме. Во иста ситуација. А, постојано се фалат дека реновирале. Не дај боже, да работиш таму и да се лекуваш.

Рамка 2;

ДУШЕЦИТЕ И ПИЖАМИТЕ НЕ СЕ РЕФОРМИ

ФОКУС: Владата на ВМРО-ДПМНЕ веќе осум години прави здравствени реформи. Има ли корист од нив?

НОШПАЛ: Сегашните реформи што ги прави министерот, тоа не се реформи. Носењето чаршафи, перници и душеци, што е нормална работа во секоја земја, за министерот Никола Тодоров е здравствена реформа. Смешки. А, што е најинтересно, половина од душеците ги нема. Од душеците што Тодоров ги рекламира дека ги донел, 30 отсто се само тука. За какви црни реформи зборуваме, тоа е само сликање и промоција. Ништо повеќе.

 

 

Поврзани новости