Богдановиќ: Хандке е искрен пријател на српскиот народ, нели се боревме за едно општество за сите

by Фокус

Пресудувањата за „гревот“ на несомнено големиот австриски писател Петер Хандке вон темата за свеченоста во Стокхолм, затоа што е недозволиво искрен пријател на српскиот народ и со свои сопствени погледи на страотни страдања во воениот и повоениот период, особено на Косово и Метохија, без да ги повреди чуствата на муслиманите, се погрешни.

Вака градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ во изјава за Фокус ја објаснува неговата поддршка за доделувањето на Нобелобата награда за литература на Хандке, која владата предводена од партијата од која тој е избран на функцијата – СДСМ, одлучи да ја бојкотира. Според него, станува збор за погрешна одлука за (не)следење на еден светски настан.

-Таков пристап и суд за пријател, на извесен начин, ги повредува и чувствата на припадниците на дел од српскиот народ кој што живее во Република Северна Македонија. Тие се лојални граѓани на овааа држава, на кои и сам припаѓам. Сметам дека секоја одлука, потег, јавна проценка, вклучително и од ова ниво, независно од „специфичноста“ на моментната функција, местото во државната администрација, не би требало да го нарушува концептот едно општество за сите. Всушност нели, за такво и се боревме, и како такво треба и да го практикуваме – вели Богдановиќ.

Како што е познато, тој деновиве на социјалните мрежи упати критики до министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој во името на владата истакна дека му наложил на македонскиот амбасадор во Шведска да ја бојкотира церемонијата за доделување на Нобеловата награда на Хандке, истакнувајќи дека државава мора да се спротивстави на, како што рече, негирањето на геноцидот.

Поради тоа, Богдановиќ на социјалните мрежи упати и навредлива квалификација кон Димитров за која потоа се извини. Шефот на дипломатијата, пак, одби да даде изјава за овој случај.

В.С.

Поврзани новости