-Наојстро ги осудуваме притисоците од партијата на Никола Груевски врз легитимно избраните институции во Општина Центар. Власта на Груевски е навикната институциите на системот да постапуваат по партиска директива. Сега кога се отвори прашањето за нелегалноста на зградата на А.Д. Бетон во која треба да биде сместен новиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ гледаме дека се прави се за да се спречат институциите на системот во Центар да ги преземат сите соодветни мерки, изјави денеска претседателот на Општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.
Тој рече дека СДСМ и Општинската организација на партијата во Центар ги охрабруваат надлежните институции да постапат според законските овластувања кои се нивна обврска.
-Од ВМРО-ДПМНЕ не слушнавме никакво објаснување како за само пет години преку мнозинството во Советот успеа да го зголеми просторот на новото партиско седиште од 2.000 на 8.000 метри квадратни. Дали издаденото одобрение од Град Скопје за поставување настрешница во склоп на објектот ја покрива градбата на балконот или пак балконот е изграден на државно земјиште вон градежна парцела, праша Богдановиќ.