Богатите станаа уште побогати за време на кризата – Битиќи би прифатил прогресивен данок

by fokus

Кризата покажа дека некои богати станаа уште побогати и заради идеолошкото убедување сметам дека треба да имаме прогресивно оданочување – богатите треба да платат и да им вратат на посиромашните. Ова е ставот на вицепремиерот, Фатмир Битиќи откако академици од МАНУ предложија повисоки даноци и намалување на владините трошења за да се избегне ризикот од финансиска нестабилност.

-Ќе ги разгледаме предлозите и ќе видиме што значат. Ако даночната реформа значи воведување на прогресивното оданочување велам зошто да не. Се покажа дека во кризата некои богати станаа уште побогати и заради идеолошкото убедување сметам дека треба да имаме прогресивно оданочување – богатите треба да платат и да им вратат на посиромашните. Ако значи воведување нов данок за посиромашните велам не, затоа што на нив им должиме за да излезат од прагот на сиромаштија и да почнат да живеат достоинствено, порача Битиќи.

Сепак Битиќи вели дека во моментов само разговараме за евентуални реформи во даночната политика и нема конкретен предлог од никого, ниту од Владата, но сепак се прават анализи. Кај данокот на имот, потсети, има предлог да останеме на истиот процент на данок на имот, но да се оданочи тоа што не се користи и влегува во делот на луксуз – втор, трет, четврт стан, …

-Категорични сме дека луѓето мора да платат за тоа што го имаат повеќе од тоа што елементарно им е потребно. Таму немаме разлики. Кај персоналниот данок не можеме бланко да кажеме дека прифаќаме, затоа што се стремам дека на одредени сектори треба да им се намали персоналниот данок и данокот на личен доход, затоа што само така ќе влеземе во сегментот на рестарт на економијата и земјава да ја направиме конкурентна на глобално ниво. Прогресивното оданочување може да значи решавање, но уште пред две години кажавме дека ќе разговараме и дека се менува пристапот на креирање политики и секоја политика ќе се води низ консултативен процес и многу порано ќе биде укажано кога евентуално ќе може да биде применета, прецизира Битиќи.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак бара даноците да не се зголемуваат, туку да се намалат.

-Не е решение зголемување на даноците туку решение е намалување на даноците. Да се намалат непродуктивните трошења на оваа влада и да се заштеди на сметка на граѓаните. Повторно удираме врз бизнисот, удираме по стандардот на граѓаните и ги зголемуваме даноците наместо да бараме начин како да ја намалиме сивата економија и на тој начин да ги зголемиме приходите во буџетот“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО- ДПМНЕ.

Прогресивниот данок беше воведен во 2019 година, но по 10 месеци Владата одлучи да го стави во мирување до 2023 година, по реакциите во јавноста.

Поврзани новости