Состојбата на границата кај Гевгелија, на која чекаат околу 1000 мигранти да преминат и да заминат кон север, е помирна отколку вчера и во текот на ноќта. Имено, имаше обид од мигрантите да ја преминат линијата, но полицијата ги спречи. Некои тврдеа дека полициските сили употребиле прекумерна сила.
Инаку денеска бодликава жица ги дели мигрантите и припадниците на Единицата за брзо распоредување. Жицата е поставена од двете страни на пругата со цел да се запрат мигрантите во обидот да влезат нелегално во земјава. Тоа го користат странските бегалци за да протестираат и да останат упорни во обидот да влезат на македонска територија. Од МВР известуваат дека мигрантите покажуваат негодување и нетрпеливост затоа што не се пропуштаат.
На помош на полицијата од денеска и пристапи и војската. И тие се подготвени за интервенција доколку биде неопходно ако се знае дека се очекува нов бран бегалци кој ќе ја зголеми бројката од 1000.
Се уште нема потврда дека полицаец е прободен со предмет како што утринава објавија гевгелиските медиуми повикувајќи се на очевидци. Додека трае тензијата на железничката пруга граѓаните на Гевгелија, како што пренесуваат медиумите, само се прашуваат дали има крај на бегалската криза?
Инаку, како што извести МВР, во последниот период издадени се потврди на вкупно 1.327 странски државјани, од кои, 1.020 се од машки пол, 129 се од женски, 138 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 40 деца кои патуваат без родител, на кои издадена е потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-1.004, Бангладеж–115, Пакистан-79. Во периодот од 19.06.2015 до 20.08.2015 издадени се потврди на вкупно 41.414 странски државјани, од кои, 28.527 се од машки пол, 5.735 се од женски, 6.546 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 606 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-33.461, потоа Авганистан-2.073, Ирак-1.947, Пакистан-1.198, Сомалија-561, Палестина-560, Конго-301, Бангладеж-230, Нигерија-142, Камерун-140 Еритреја-140, Етиопија-109, додека останатите се во помал број.