Со новиот закон нема да се дозволува легализација на времените објекти, како што беше случајот досега. Со него ќе бидат опфатени дивоградби како онаа кај „Мавровка“, на охридското крајбрежје, но и големи станбени згради кои се дел од некои бизнис-интереси, најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Тој рече дека општините и државата ќе продолжат заемно да дејствуваат, но оние што треба да постапуваат се општинските инспекциски служби.
„Во случајот ‘Мавровка’ имаше наод на инспекторите и решение за уривање, но општината имаше проблем со избор на фирма за уривање и сопственикот не сакаше да урива, па затоа се вклучи ЈП ‘Македонија пат’“, објасни Бочварски.
Тој ги повика сите градоначалници да ги преземат своите ингеренции за уредување на урбаните средини, додека Владата преку законите во иднина ќе направи, како што рече, силен фронт против урбаниот хаос.
Бочварски најави дека се работи на решение за зголемување на бројот на градежни инспектори кои ќе работат на терен.