Бочварски донираше за Валерија: Ќе направиме солидарен фонд за помош на граѓаните!

by Fokus
Благоја Бочварски, градоначалникот на Штип се вклучи во акцијата за спас на седумгодишната Валерија Зафировска, за чија операција на тумор на мозокот се потребни 40.000 евра.

Тој лично донираше на сметката на малата штипјанка 30.000 денари, а пред медиумите изјави дека има идеја да се направи солидарен фонд, односно да се отвори солидарна сметка на која физички и правни лица ќе можаат да донираат средства, кои ќе им бидат наменети на граѓаните на кои им е потребно лекување, а самите не можат да си го дозволат.

,,Ќе се видам со претседателот на Советот, претходниот состав на Советот се уште го нема земено последниот паушал, но ние ќе разговараме за средствата кои ќе ги добијат, дали и советниците можат да донираат. Јас би ги поттикнал да го направат тоа бидејќи сега е моментот да покажеме солидарност, да бидеме хумани бидејќи е важно за нашит град да покажеме како во идниот период треба да се бориме за секој живот. Штип е солидарен град и јас имам некои идеи по овој основ, бидејќи се соочувам со многу луѓе кои немаат пари за лекување дома или во странство, или да заминат и до Скопје, па да направиме еден солидарен фонд, една сметка да отвориме солидарна, на која секој месец правни и физички лица ќе донираат колку можат и од таму да се донираат средства на оние кои имаат потреба од тоа. Инаку да, ја поддржувам идејата и советниците да се вклучат во акцијата,, – порача Бочварски.

Тој исто така најави дека во тек на утрешниот ден ќе бидат уплатени околу 10 илјади денари од општинската сметка, на сметката за лекување на девојчето, но вети и дека ќе се вклучи и во други активности, со цел да се собере потребната сума.

Сите кои сакаат да помогнат, можат да донираат на жиро сметката 300081000001938 Комерцијална банка АД Скопје Дознака: Валерија Зафировска –хуманитарна сметка.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости