Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, на вечерашната прес конференција, истакна дека компанијата чиј автобус изгоре во Бугарија, имала важечка лиценца за вршење на меѓународен транспорт на патници, но сепак бил евидентиран еден пропуст.
Поточно, било утврдено дека компанијата има пријавени четири возила кои имале лиценца за превоз, но автобусот кој ја предизвика несреќата и во која загинаа 45 граѓани не бил во базата на министерството.
-По проверките во МВР констатиравме дека автобусот кој изгоре не бил пријавен и го нема во електронската база во Министерството за транспорт и врски, односно се вршело превоз без извод од лиценца за тоа возило. Според законот, имале должност да го известат министерството во рок од 15 дена, односно да го пријават или одјават возилото за тој временски рок, истакна Бочварски кој додаде дека поради овој пропуст е почната постапка за одземање на лиценцата на компанијата.