Спасовски: На 5 октомври му бил направен технички преглед на автобусот

by fokus

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вечерва на прес-конференција изрази сочувство за трагедијата во Бугарија во која загинаа 45 патници, а 7 се повредени.

-Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и верувам дека со заедничка соработка многу брзо ќе имаме одговор на сите нејаснотии околу оваа трагедија. Она што засега можам да го кажам и е во доменот на податоци со кои располага МВР е дека последната извршена проверка за техничка исправност на автобусот е направена на 5 октомври оваа година, а истражната постапка ќе ги даде одговорите на сите отворени прашања. Нашата земја и Бугарија се заедно во тагата за жртвите од трагичната сообраќајна несреќа на автопатот „Струма” во Бугарија, но и во активностите за расветлување на причините за автобуската несреќа, за идентификување на загинатите, за давање помош и лекување на настраданите, за што сме, исто така, благодарни, истакна Спасовски.

Тој изрази сочувство до семејствата.

-Истовремено, нашите мисли и молитви остануваат со повредените. Од срце посакувам нивно брзо закрепнување и што поскоро враќање во нивните домови, крај најблиските, дополни Спасовски.

Министерот Спасовски вели дека во моментот на несреќата во автобусот имало двајца возачи.

Поврзани новости