Законот за поништување на последиците од процесот на лустрација треба да се донесе пред распуштање на Собранието. Претставничката на Блупринт Групата, Сибел Ахмет, во апелот упатен до пратениците вели, дека согласно Стратегијата за реформи во правосудниот систем, власта се обврза да ги санира штетните последици од процесот на лустрација до 2017 година, но тоа досега не се случи.
– Ние сметаме дека овој закон треба да биде откочен во Собранието и истиот да биде донесен пред распуштање на Собранието, имајќи предвиде дека станува збор за процес кој што беше црна дамка за нашето демократско општество и беше искористен за политички реваншизам на режимот во тоа време, изјави Ахмет, по состанокот со новинари.
Инаку, последната седница на Комисијата за политички систем и односи со заедниците, предводена од пратеникот Александар Кирацоски, каде требаше да се дискутира за одредбите од овој закони не се одржа. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, бара на оваа седница да присуствува министерка за правда, Рената Дескоска и истата да го образложи предлог законот.