Блокирана сметката на Ивона Талевска

by fokus

На Ивона Талевска, главната уредничка на весникот „Вечер“, веќе подолго време и е блокирана трансакциската сметка, дознава „Фокус“. Скопски адвокат, кој се обидел да наплати долг од Талевска, не успеал бидејќи извршителот му кажал дека сметката е блокирана.

Адвокатот појаснува дека требало да наплати околу 1.500 евра за адвокатски трошоци и судски такси, односно Талевска изгубила два судски спора за клевета и навреда, па сите трошоци паѓаат на товар на оној што го губи предметот. Во случајот Талевска била тужител, односно се почувствувала наклеветена и навредена од новинарски текстови, па поднела две тужби против новинари, една против Бранко Геровски, и втора против Мери Јордановска и Јадранка Костова. Но, бидејќи судот не пресудил во нејзина корист, сега треба да ги подмири трошоците.

Како што адвокатот појаснува за „Фокус“, од извршителот дознале дека Талевска има автомобил на свое име, па доколку не ги подмири трошоците ќе се обидат да ги наплатат преку возилото.

Се обидовме да добиеме став и од Талевска, но таа не одговори на нашите телефонски повици.

Неодамна Специјаното јавно обвинителство отвори истрага против уредничката, односно со случајот „Тифани“ ја истражуваат работата на фирмите „Смарт центар“ и „Смарт груп“ во кои Талевска некогаш била директорка.

Според обвинителката Фатиме Фетаи фирмите со префикс „Смарт“ затаиле данок во вредност од околу 37.000 евра, додека самата управителка нешто над 16.000 евра.

Сомнежот на СЈО е дека осомничената преку фирмите си купувала облека, накит и други предмети за лична употреба и овие расходи ги пријавувала како трошоци со кои наводно купувала опрема за фирмите со кои управувала.

 

Поврзани новости