Воено-безбедносната агенција на Србија (ВБА) запленила на југот на Србија големо количество оружје кое требало да биде префрлено во Македонија, пишува српскиот весник „Блиц“ во денешното издание, повикувајќи се на извори во ВБА.
Весникот, како што пренесува Мета, вели оти се претпоставува дека оружјето било наменето за припадници на најголемите албански партии, чии функционери учествувале во вооружените судири во Македонија и во Косово.
Според изворот на весникот во ВБА, минатата седмица биле запленети неколку илјади пушки, митралези, минофрлачи и рачни бомби, кои припадници на ВБА ги откриле во близината на Прешево и на Бујановац, додека двајца државјани на Србија и еден странски државјанин се обидувале преку илегални канали да ги префрлат во Македонија.
– Оружјето очигледно било наменето за употреба ако дојде до разгорување на судирите во Македонија или можеби токму за предизвикување инцидент, но пешадиското оружје можеби требало да послужи дури и за евентуално преземање на власта – вели изворот на „Блиц“.
Во претходните денови ВБА забележала и зголемено движење на Албанци од подрачјата на Прешево и на Бујановац кон Македонија, а според агенцијата, слично е и со Албанците од Косово, и тоа главно поранешни припадници на ОВК, пишува српскиот весник, напоменувајќи дека за сè биле известени надлежните македонски служби.