Блинкен: САД и уште 12 држави ќе прифатат бегалци од Авганистан

by fokus

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека досега, покрај САД, 12 други земји се согласиле да прифатат привремени бегалци од Авганистан. Меѓу нив се Република Северна Македонија, Албанија и Косово.

„Албанија, Канада, Колумбија, Костарика, Чиле, Косово, Северна Македонија, Мексико, Полска, Катар, Руанда и Уганда дадоа великодушни понуди во врска со напорите за преместување на загрозените Авганистанци, рече Блинкен доцна синоќа.

– Исклучително ја цениме поддршката што ја понудија и горди сме што работиме со нив на заедничка поддршка за авганистанскиот народ. Охрабрени сме што и другите земји размислуваат да понудат поддршка, рече Блинкен.

Транзитот на евакуираните Авганистанци и државјани на други земји кои го напуштија Авганистан веќе се случува или ќе се случи наскоро преку територијата на 14 земји. Тоа се Бахреин, Данска, Франција, Германија, Италија, Казахстан, Кувајт, Катар, Таџикистан, Турција, Украина, Обединетите Арапски Емирати, Обединетото Кралство и Узбекистан.

Блинкен рече дека од 14 август САД овозможиле околу 13.000 луѓе да го напуштат Кабул со американски авиони и да ја продолжат спасувачката операција.

– Во последните неколку дена, САД ги искористија своите дипломатски канали за да организираат глобална кампања без преседан за евакуација на американски државјани, вработени од држави-партнери и загрозени Авганистанци од Кабул, рече Блинкен.

Тој изрази посебна благодарност до партнерите на Вашингтон „низ целиот свет кои учествуваа во оваа операција“.

 

 

Поврзани новости