Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес ги повика Белград и Приштина да преземат итни чекори за намалување на тензиите на северот на Косово и Метохија, предупредувајќи дека моменталната ситуација го попречува процесот на нивната европска интеграција.
„Ги повикуваме владите на Косово и Србија веднаш да преземат чекори за деескалација на тензиите и да ги обноват напорите за спроведување на договорот за нормализација предводен од ЕУ“, рече Блинкен на прес-конференција по средбата на шефовите на дипломатиите на земјите од НАТО во Осло.
„Ги поддржуваме евроатлантските интеграции на Косово и Србија, но сегашната ситуација повеќе го кочи тој процес отколку што помага“ , нагласи Блинкен.
Блинкен рече дека многу членки на НАТО изразиле загриженост за тензиите на северот на Косово и Метохија, откако албанските градоначалници ја презедоа функцијата во општините каде што живее мнозинско српско население.
„Многу сојузници изразија загриженост за тензиите на северот на Косово и остро ги осудија нападите врз трупите на НАТО. Во тој напад беа повредени нашите италијански и унгарски колеги “, изјави Блинкен.