Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска објави дека САД виделе докази за обидите на Кина да „влијае и евентуално да се меша“ на претстојните избори во САД.
Блинкен ги кажа овие тврдења пред новинарот на Си-Ен-Ен на крајот од тридневната посета на Кина, каде што американскиот државен секретар се сретна со највисоките кинески претставници, вклучително и кинескиот претседател Кси Џинпинг.
„Видовме, генерално кажано, докази за обиди за влијание и можно мешање (во изборите) и сакаме да се погрижиме тоа да биде запрено што е можно поскоро“, рече Блинкен, без да прецизира за каков вид на доказ станува збор.
Американскиот државен секретар рече дека ја повторил пораката што претседателот Џозеф Бајден ја дал на Кси за време на нивниот самит во Сан Франциско минатиот ноември да не се меша во претседателските избори во САД во 2024 година, кога Кси ветил дека Кина нема да се меша, според Си-Ен-Ен.
„Секое мешање на Кина во нашите избори е нешто што го гледаме многу внимателно и е целосно неприфатливо за нас, и сакав да се уверам дека тие повторно ја слушнале таа порака“, рече Блинкен.