BLACK LIST & RUNAWAY: NETFLIX ORIGINAL!

На Бујар Османи му фалело само уште да стои „Нетфликс ориџинал“ во сторијата на „Фокус“ за пропадната операција за враќање на Никола Груевски, за да му била комплетна. Притоа, за него немало ништо спектакуларно во средбите на кои се барале начини како да се дојде до двотретинско мнозинство, бидејќи веројатно смета дека тоа може да се оправда со повисока цел – напредок во интеграцискиот процес. Меѓутоа, таа цел не може да поништи една друга перпспектива кон ова сценарио, кое, доколку успееше, ќе беше ново газење на правната државата.

by Фокус

Објавувањето на досега непознати информации во врска со неуспешниот обид за враќање во земјава на Никола Груевски, при што откривме детали за начинот на кој била документирана и разоткриена „тајната“ средба во претседателката вила на Водно, резултираше со генерален молк од прозваните актери. Всушност, сторијата предизвика големо внимание и интерес, но не и јавна реакција, т.е. ниту потврда ниту демант од ниеден од учесниците на фамозната средба, со исклучок на Бујар Османи од ДУИ. Иако тој деновиве потврди дека се одржала оваа и многу други слични средби, па дури и призна дека барале начини како да се дојде до двотретинско мнозинство за уставни измени, нему текстот му делувал како филмско сценарио, така што му фалело само уште да стои „Нетфликс ориџинал“ за да биде комплетен. Па еве, веднаш ќе се коригираме и ќе му го направиме ќеифот, но со дополнителна додавка, сообразена со последниот развој на настаните, кога неговиот сопартиец Артан Груби прво се најде на црната листа на САД, а потоа стана осомничен во случајот „Лотарија“ и се даде во бегство – Black list and runaway: Netflix original!

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Откако „Фокус“ ги објави сите детали и околности од ланската мартовска средба во претседателката вила на Водно, кога тогашниот државен и политички врв, во друштво на највисоки претставници на меѓународната заедница, ковал план како во земјава да го врати поранешниот премиер и моментално унгарски азилант Никола Груевски, со цел да се деблокира процесот на уставни измени и евроинтеграции, завледеа генерален молк од страна на учесниците на фамозниот состанок, прозвани со име и презиме.

Имено, немаше никаква реакција од тогашниот претседател Стево Пендаровски како домаќин и организатор, ниту од тогашниот премиер Димитар Ковачевски и од лидерот на ДУИ Али Ахмети, ниту од нивните соработници Бојан Маричиќ и Артан Груби. Воедно, немаше реакција, потврда или демант ниту од амбасадорката на САД Анџела Агелер и од тогашниот евроамбасадор во земјава Дејвид Гир. Едноставно, имаше молк кој всушност е најдобра потврда за веродостојноста на публикуваниот текст.

Во меѓувреме, единствен од учесниците на средбата кој ја прокоментира сторијата е тогашниот министер за надворешни работи од ДУИ Бујар Османи, кој во поткастот „Политиканти“ се обиде да ги релативизира објавените информации. Тој во ниту еден момент јасно и недвосмислено не демантираше дека се случила ваква средба, туку се обиде да ја намали нејзината важност, посочувајќи дека многу такви состаноци имало и претходно. Дури, тој потврди дека се разработувале разни модели како да се дојде до двотретинско мнозинство, неопходно за промена на Уставот.

Јас кога го прочитав тој текст, викам уште една реченица фали за да биде комплетен – „Нетфликс ориџинал“ – рече Османи со кисела насмевка, обидувајќи се на духовит начин, не да ги отфрли објавените информации, бидејќи тоа едноставно е невозможно од причина што има и бројни сведоци кои ќе го кажат спротивното, а којзнае – можеби се уште во нечии фиоки има и снимки, документи, записници, туку да ги разводни. Откако колегите му предочија дека и нивните информации говорат оти се случила таква средба, дека 99 отсто од објавеното било точно, дека никој не демантирал итн., Османи продолжи дека имало, како што вели, милион состаноци, но немало ништо конспиративно или спектакуларно.

Ние сме имале многу разговори како да успееме со уставните измени, милион идеи сме имале како да дојде до уставни измени, но никакви калкулации од таков тип – вели Османи, кој, пак, на прашањето дали „рамковен“ административен службеник од ДУИ ја изнесува снимката, додава: „Јас за таа снимка од текстот дознавам, затоа ви велам за мене е едно интересно филсмко сценарио. Немало ништо спектакуларно во тие разговори, а да – дали имало обид да најдеме 80, имало обид да најдеме 80. Тоа ни беше должност. Но, такви комбинации дека имало…“.

Практично, тој потврдува дека имало средба во март и посочува дека имало повеќе такви средби на кои било дискутирано како да се дојде со двотретинско мнозинство, но одбива да потврди дека работеле на сценарио на враќање на Груевски, иако во тој период токму неговиот лидер Ахмети се обидуваше да го рехабилитира со зборовите: „Груевски беше премиер на оваа држава 10 години, тој бил премиер и на Албанците, да не бидеме егоисти, да бидеме рационални, зашто како прво сме луѓе“. Зарем нели тоа е кристално чист индикатор дека ДУИ правеше терен за камбек на Груевски, настрана информациите дека преземаше и конкретни чекори, главно преку туркање на аболицијата на Ѓорге Иванов низ Врховниот суд?

Сепак, за Османи немало ништо спектакуларно во оваа операција, која, според неговиот резон, можеби би се оправдала со повисока цел – отворање на преговарачките поглавја. Арно ама, таа цел не може да поништи една друга перпспектива кон ова сценарио, кое, доколку успееше, ќе беше ново газење на правната државата. Патем, сосема легитимно толкување ќе беше и дека така се предизвикува упад во демократскиот процес, бидејќи враќањето на Груевски имаше потенцијал да предизвика дисторзија на политичката сцена и да го дефакторизира Христијан Мицкоски до степен ВМРО-ДПМНЕ да остане во опозиција, макар и да акумулира мнозинска поддршка и волја за промени.

Она што за Бујар било спектакуларно биле средбите меѓу ВМРО и СДСМ со посредство на олигарси, каде, според него, се донела стратегија за оцрнување на ДУИ, бидејќи било оценето дека партијата премногу пенетрирала на политички и на економски план во државата, па, ете, дошло време да се „спаси државата од ДУИ, од Албанците“. Кога му е предочено дека тоа е ист тип на „приказна“ како онаа за тајната средба на Водно, тој продолжува да ја експлоатира приказната што му одговара, иако и едната и другата се „спектакуларни“ во исти пропорции. Единствена разлика е што едната говори за план против ДУИ, а во другата ДУИ е играчот кој кова план како да егзекутира друг таргет, се разбира, во политичка смисла.

Тука се олигарсите кои посредуваат меѓу македонските партии, кога велат дека ние мора да направиме 10-годишен договор во кој нема да дозволиме Албанците да не уценуваат. Тука почнува идејата дајте да го оцрниме ДУИ и Ахмети, бидејќи без Ахмети нема да го срушиме ДУИ, а мора да го срушиме ДУИ за Албанците да го немаат влијанието. И од тука почнува цела кампања ДУИ и Али се коруптивни. Тоа е смислена стратегија која краткорочно може дава резултати, но среднорочно е спротивна на природните процеси во државата – „хируршки“ ќе заклучи хирургот и ексшеф на дипломатијата.

И да, реално, и оваа средба е спектакуларна, бидејќи нетипично е олигарси да посредуваат меѓу двете најголеми политички партии и да се стимулира формирање на блок на етничка основа, што на некој начин е формула за распад во едно мултиетничко општество, бидејќи може да предизвика етнички одговор и на спротивната страна. Затоа, во минатото сме пишувале и за планот за заедничко владеење меѓу ВМРО и СДСМ, како и за тајните средби меѓу Мицкоски и Зоран Заев. Но, истовремено ДУИ не може секој, условно кажано, удар врз себе да го оправдува со смислено сценарио за рушење на партијата.

Можеби некаде навистина постоела цел да се поткопа авторитетот на ДУИ, но дали најголемите афери за нив беа пропаганда? Дали, на пример, не беше точно дека ДУИ стекна имот од компанија која нивни кадри ја „хранеле“ со тендери? Дали не беше точно дека друг партиски имот преминал во сопственост на фирма за игри на среќа, и тоа во време кога имаше обвинувања дека Мала Речица го освојува овој профитабилен сектор? Дали не беше точно дека фирма на братот и внуците на Ахмети добија тендер и концесија? Конечно, дали не беше точно дека еден од негови внуци стекна удел во „Соравиа“ без да вложи ништо, а неговиот зет преку ноќ оствари баснословни добивки?

Во секој случај, ќе ја послушаме сугестијата на Османи и следен пат кога ќе дојдеме до проверени сознанија за битни средби, настани, случувања и одлуки од јавен интерес, навремено ќе ја информираме јавноста, и тоа исклучиво со назнака „Нетфликс оригинал“. Дури, еве уште сега ќе се обидеме да се коригираме и да му го направиме ќеифот, но со една дополнителна додавка, сообразенена со последниот развој на настаните, кога неговиот сопартиец Груби се најде на црната листа на САД, бидејќи му помагал на братучедот Сашо Мијалков да се спаси од затвор, а веднаш потоа стана осомничен во случајот „Лотарија“ и се даде во бегство – Black list and runaway: Netflix original!

П.С. Во рамки на сторија со наслов „Рамковен службеник од „огнените“ ја пробил тајната средба на Водно за враќање на Груевски!“, објавивме многу нови детали и сознанија за обидот за враќање во земјава на Груевски, како и за причините за пропаѓање на оваа компликувана предизборна операција. Во таа насока, откривме ексклузивни детали за начинот на кој била документирана и разоткриена „тајната“ средба во претседателката вила на Водно:

„Ахмети посочил дека Груевски може да се врати на 2 начина – преку помилување од претседателот или преку судовите. Всушност, ова бил најсензитивниот дел на средбата, кој бил пробиен од страна на рамковно вработен административец. Додека траеле „тајните“ разговори, ова лице влегло во кабина на преведувач, успеал да го сними разговорот со телефон и на крајот снимката му ја предава на Блерим Беџети, кој тогаш е дел од „огнената група“ во ДУИ. На тој начин, содржината од аудиоснимката, претходно симната на хартија, завршува во раце на Мицкоски, бидејќи во тоа време „огнените“ се во конфликт со Груби, Османи, па и со Ахмети“.

Во однос на овој дел, реагираше споменатиот Беџети. Откако владејачката ВЛЕН одржа серија пресови, на кои селективно презентираше дел од објавените информации, а на темата се надоврзаа и медиумите, актуелниот пратеник и поранешен градоначалник на Сарај објави реакција на Фејсбук дека немал информации за тајната средба. Во неа, меѓу другото стои: „Ниту некогаш до мене од страна на некој свиркач или вработен во кабинетот на Претседателот на државата е доставен било каков аудио или видео-запис, ниту пак сум добил некаква информација за било каква средба со политичари на која било разговарано враќање на Груевски, па од тука не сум имал никаква информација или снимка која би можел некому да ја проследам“.

Токму оваа реакција или демант на Беџети ја спомена и Османи во неумесниот и некоректен обид да деградира новинарски продукт работен долго, внимателно и професионално, преку обезбедување на информации од страна најрелевантни можни извори, непосредно вклучени во процесот. Дури, многу детали до кои дојдовме не се објавени во текстот, бидејќи во случајов целта не беше да се обелодени незаконско постапување од страна службеник, кој неовластено снимал ама никогаш не одговарал бидејќи на политичко ниво било одлучено дека така ќе се разобличат сите учесници во оваа, според многу аспекти, непријатна операција.

Туку, целта беше да се реконструира еден политички процес и настан, за кој и во минатото многумина објавуваа парцијални информации, но останаа многу празни дупки, поради што немаше целосна слика за случајот. Оттука, обелоденивме нови сознанија за учесниците на средбата, за темите на разговор, за начинот на кој била разоткриена операцијата, како и за подоцнешниот развој на настаните. Не се работи за шпекулации (етичкиот кодекс ги дозволува ако се наведат како такви) или пак намерно пласирани дезинформации (европската пракса ги дозволува ако потикнат јавна дебата), туку за издржани информации прибрани и проверени од повеќе упатени извори, или народски кажано – од прва рака.

При нивното објавување, без калкулации и селекција, водејќи се од принципите за точност, објективност, непристрасност, беа објавени сите лица и субјекти што имале своја улога во процесот и објаснето е нивното делување, особено на оние кои се на јавна функција, поради што треба да имаат и повисок степен на толеранција. Единствено, не е објавен идентитетот на посредникот, имајќи во предвид дека моментално не е на јавна функција, како и на службеникот кој ја пробил средбата. Но, интересно е тоа што вториов во меѓувреме станал јавен функционер, бидејќи скоро е именуван за директор на јавно претпријатие на локално ниво.

Многу прецизно во текстот се наведува дека службеникот ја направил снимката и врз основа на тоа е направен транскрипт. Притоа, никаде не пишува дека Беџети лично ја предава во Белата Палата, туку објаснет е тогашниот политички контекст со „огнената група“ и конфликтот во рамки на ДУИ. Она што не беше објавено, а ваквите потценувачки настапи на Османи очигледно налагаат тоа да се случи за да се расчисти цела магла што се создава, е дека тој што ја прави снимката и лично го предава извештајот во ВМРО-ДПМНЕ. Ако, да речеме, тоа го направил самоиницијативно, нели би било логично да биде санкциониран, наместо да биде награден со директорска функција? Или и на ова прашање најлесно е да се одговори со „Нетфликс“?

Поврзани новости