Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев ја доби титулата за личност на Југоисточна Европа за економија и европеизација на Балканот за 2022 година. Ова признание го доделува СЕЕ Фестивал, односно South East European Film Festival, Paris-Berlin-Washington.
Денес му беше врачено признанието, во ресторан Моклиште во Кавадарци, а на свеченоста присустуваше и популарниот српски актер и режисер Драган Бјелогрлиќ, кој е носител на наградата Еуропа Прима за оваа година.
Пред присутните на настанот зборуваше драматургот Јордан Плевнеш, кој е редовен професор и претседател на интернационалниот универзитет Еуропа Прима.
-Митко Јанчев е прв градоначалник кој ја добива оваа награда, односно признание за личност на Југоисточна Европа во областа на економијата и европеизацијата на Балканот. Наградата требаше да биде врачена во Вашингтон, но тоа ќе го повториме во годините кои доаѓаат-порача професорот Плевнеш.
Исто така, откри дека дел од третиот серијал од ,,Сенките на Балканот”, чиј режисер и коавтор е Драган Бјелогрлиќ, ќе се снима во Тиквешијата.
Градоначалникот Јанчев се заблагодари за наградата.
-Секој човек може да успее во својот живот доколку има реални и оптимални мисли. Јас се определив да и помогнам и на општината како градоначалник, на народот и државата, не заборавајќи ги и културните манифестации. Секој ден продуктивно потрошен е успешен ден, за мене оваа награда е престижна и сум благодарен што ја добив – изјави Јанчев.
Покрај Јанчев и Бјелогрлиќ, добитници на наградите на СЕЕ Фестивал 2022 се и модниот дизајнер Изет Цури, актерот Бајруш Мјаку и филмскиот работник Карпо Аќимовиќ-Година.
На страницата на филмскиот фестивал за него е објавено дека покрај тоа што е градоначалник на Општина Кавадарци и сопственик на ,,Кожувчанка”, тој е голем хуманист, но и човек кој се стреми кон подобро општество и зад себе има низа на активности и донации во многу области.
Вики Клинчарова