Сопственикот на „Супертрејд”, бизнисменот Владимир Стајиќ за „Фокус“ потврди дека бил жртва на еден од двајцата осомничени во случајот „Рекет“.
Стајиќ не прецизира кој и како го рекетирал, но најавува дека деновиве ќе најде начин да воспостави комуникација со Јавното обвинителство во интерес на вистината.
-Мојата компанија постои од 1991 година како успешен семеен бизнис и е во моја стопроцентна сопственост. Ги отфрлам сите сите невистини за било каква бизнис поврзаност, за што се шпекулираше во нарачани текстови, објаснува тој.
Во врска со лажните наводи на Миленко Неделковски за дел од неговиот имот, Стајиќ најавува тужба за клевета.
-Очекувам надлежните органи да постапат според законот и против сопствениците на некои портали и против некои новинари, кои се однесуваат на ист начин како и осомничените во аферата „Рекет”, вели сопственикот на „Супертрејд”.
Друштвото за производство, промет и услуги Супертрејд ДООЕЛ Скопје е основано во 1991 година. Приоритетна дејност е трговијата на големо со цврсти, течни и гасовити горива и слични производи.
До 2011 година, Супертрејд ДООЕЛ главно е фокусиран на развој на малопродажниот сектор на нафта и нафтени деривати и друга трговска стока, преку својата сопствена бензинска пумпа, а од 2012 година, Друштвото врши промена на стратегијата и започнува со увоз на нафта и нафтени деривати.