Средствата што државата ги дава за Фондот за пензискo и инвалидско осигурување за редовна исплата на пензиите постојано се зголемуваат, иако податоците покажуваат дека низ годините се зголемува бројот на корисници на пензија, но и бројот на вработени. Експертите предупредуваат дека се неопходни реформи за постигнување одржливост на пензискиот систем, нешто на што работи и Министерството за труд и социјална политика.
Некои од нив сметаат дека е потребно зголемување на старосната граница, но во комбинација со минимално зголемување на процентот за придонеси. Иако неодамна имаше информации дека бизнис-заедницата ќе бара зголемување на старосната граница за пензионирање, од МТСП се децидни дека не размислуваат за таква мерка.
– Министерството за труд и социјална политика не размислува да ја зголемува старосната граница за пензионирање и тоа нема да биде дел од пензиската реформа. Анализите за реформата се во тек и она што можеме да го кажеме во овој момент е дека реформата опфаќа пакет-мерки за стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но ниту една од нив не се однесува на покачување на старосната граница за пензионирање, велат од Министерството.