Бизнис секторот во Кавадарци се вклучи во опремување на Ковид-19 одделението

by fokus

Ковид-19 одделението во кавадаречката болница кое започна да функционира минатиот петок, доби голем број на донации од страна на бизнис заедницата од градот. Биле донирани боци за кислород, регулатори за истите, скафандери за мултикратна употреба, постелнина и друго, од страна на повеќе општествено одговорни компании.

На одделението има 23 кревети, а моментално се хоспитализирани 12 лица на возраст од 38 до 72 години.

Поради влошена состојба, еден пациент бил префрлен на Инфективна клиника во Скопје, појаснува директорот на болницата, д-р Диме Коцев.

-Една третина од хоспитализираните пациенти се од Неготино и околината, останатите се од Кавадарци. Од голема важност е тоа што сега, кога имаме најголема потреба, бизнис заедницата ни излезе во пресрет со свои донации и покажа голема солидарност.

До вчера имавме само 14 кревети, проширувањето од 23 кревети е од денес, ќе видиме во иднина како ќе се одвива состојбата и дали ќе имаме потреба од плус кревети, односно дополнително проширување на одделението- вели директорот.

Додава дека во моментот имаат доволно искусен кадар, и на Ковид-19 одделението дежураат интернисти и медицински сестри кои веќе биле на испомош на Инфективна клиника во Скопје и работеле по принцип на ротација, на секои две недели.

-Ако се земе во предвид фактот дека досега во нашата болница воопшто немало Инфективно одделение, туку само амбуланта, брзо и ефикасно кадровски се преструктуиравме и просторно се преадаптиравме, се со цел нашите граѓани од Тиквешко да ги згрижиме кога е најпотребно – појасни д-р Коцев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости