Сосед ги храни уличните кучиња и мачки кои се собираат во голем број, а потоа лаат и мјаукаат, гаврани напаѓаат луѓе, квалитетот на лебот не е ист, еден ден е попечен, а друг помалку печен – oва се само некои од претставките што изминатиот период стигнале до Агенцијата за храна и ветеринарство.
Тоа, според директорот на Агенцијата, Николче Бабовски, се должи, пред сé, на недоволната информираност на граѓаните за ингеренциите на институциите во државата.
-Соседот ги напасува козите на депонија, е една од „поинтересените“ претставки или пријавата дека неколку дена поради лоша миризба на жители од една населба им смета оџакот на ресторанот и бурекџилницата – вели Бабовски за МИА.
Многу од овие проблеми што ги пријавуваат граѓаните, нагласува директорот, се всушност комунални и за нив се надлежни други институции или општините.
Лани, пензионерка од Скопје пријавила во АХВ дека преку интернет купила машина за везење од странска компанија, ја платила со картичка 50 долари, но наместо тоа, во поштенско сандаче добила коверт со две платнени маски.
Друг граѓанин, пак, се пожалил дека му мириса во влез на печено месо и пржени компири, а друг дека јастребот на соседот му ги усмртува гулабите.
-Имаше и претставки од типот дојдете да го отстраните осилото од дрво во Градски парк зашто се плашиме и не можеме да се релаксираме или бездомните кучиња гласно лаат, не вознемируваат, не можеме да спиеме, дали и колку е здрав лебот тонус и како влијае на цревната флора, дали јачменот предизвикува алергија или лебот што го купив е жив, не е допечен… – вели Бабовски.
До АХВ во првите шест месеци од годинава се поднесени вкупно 246 претставки. Постапено е по 234 од нив, а во фаза на постапување се вкупно 12.
-Најголем број од поднесените претставки се од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните, 158. Од нив, 70 се однесуваат на наводи за неодговорно сопствеништво, додека 34 се за напад и каснување од куче – посочува Бабовски.