Битолска млекара ги спушти цените, од Владата утре ќе одлучуваат дали ќе има ново замрзнување

by Fokus

Битолска млекара минатата недела донесе одлука за намалување на цените на млекото и јогуртот.

„Намалени се цените на најпродаваните производи од портфолиото на компанијата, и тоа Битолски јогурт 2,8% 1000г, Баланс+ 1000г, УХТ Битолско млеко 2,8% 1л и УХТ Битолско млеко 2,8% со 10 витамини 1л. Свесни сме за падот на потрошувачката моќ на граѓаните и со оваа одлука излегуваме пресрет на потребите на нашите потрошувачи. Како лидер на пазарот, Битолска млекара е одговорна компанија и ова намалување на цените ги опфаќа токму најпродаваните млечни производи за да се постигне ефектот на намалени цени кај населението“, соопштија од таму.

Од таму додаваат дека се решиле на овој потег и покрај тоа што цената на основната суровина, суровото млеко, бележи значителен раст во однос на истиот период минатата година. Од друга страна, пак, на пазарот може да се најде поевтино млеко увезено од други земји, додека сирењето и кашкавалот се поскапи од било кога.

Владата, пак, утре на седница ќе одлучува дали ќе има ново замрзнување на цените на некои основни прехрамбени производи. Изминативе денови од Владата соопштуваа дека се прават анализи за замрзнување на млечните производи и тестенините.

Поврзани новости