Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 56-годишен битолчанец, осомничен за кривично дело – Загрозување лица под меѓународна заштита од член 420 став 4 во врска со став 1 и две кривични дела – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
„На 11.12.2021 година, во рачно напишано писмо на англиски јазик, осомничениот се заканил дека ќе го убие Габриел Ескобар, помошник секретар во Стејт департментот на САД за надзор на политиката во државите на Западен Балкан, како и други американски дипломати. Писмото го адресирал до Амбасадата на САД во Скопје и истиот ден го испратил по редовна пошта преку АД Пошта на Северна Македонија-подружница ЦРПС Прилеп“, соопштија од ОЈО.