За прв пат од појавата на корона вирусот во Кавадарци, кога на 20-ти март лани беа регистрирани првите два позитивни случаи, во тек на вчерашниот ден од Министерство за здравство информираа дека нема ниту еден активен случај во градот.
Општина Кавадарци се најде на силен удар на вирусот уште од почетокот на пандемијата. Дури 5.153 лица се инфицираа, а 155 ја изгубија битката со вирусот. Помеѓу починатите, најмладиот кој беше лице со хронична болест и имаше 21 година, а имаше и низа на случаи кога лица во своите деведесетти години поминаа со лесни симптоми.
Во градот под полна пареа функционираше и ковид болницата, сместена во кавадаречката болница, а потоа поради зголемениот број на пациенти на кои им беше потребна хоспитализација, се отвори и модуларната болница, во болничкиот двор. Кавадарчани велат дека можат да здивнат сега, кога веќе нема ниту еден активен случај на вирусот, но сепак внимателноста и почитувањето на мерките за заштита мора да останат како дел од секојдневието.
-Изгубивме многу наши сограѓани, починаа дури и по неколку членови од исти фамилии. Состојбата сега е ветувачка, граѓаните покажаа свесност кога е вакцинацијата во прашање, како начин да се надмине пандемијата. Да се надеваме дека и на есен ќе биде релативно мирно – вели доктор од кавадаречката болница.
Во градот функционира регионалниот центар за вакцинација, каде непречено се одвива имунизацијата на населението.
Вики Клинчарова