Битката со пожарите продолжува во Грција на четири фронта, најтешко е на Родос

by Fokus

Битката со пожарите во Грција продолжи денеска на четири главни фронта – на островите Родос, Крф и Евија и областа Дерванакија во Ахаја, пренесува Танјуг.

На Родос, противпожарните единици се обидуваат да ги локализираат активните пожари, а од утрово продолжува гаснењето од воздух, пренесува Катимерини.

За помош на пожарникарите на копно во моментов се распоредени два авиони и три хеликоптери, а нивниот број ќе се зголемува во текот на денот.

Во тоа подрачје дува силен ветер кој особено ја отежнува работата на копнените сили и создава нови пожари.

Денешниот ден се очекува да биде особено тежок за Родос, бидејќи според картата за предвидување на ризик од пожар издадена од Генералниот секретаријат за цивилна заштита во Грција, островот е на највисока состојба на готовност на 5-ти степен.

Жителите на населбите Генади, Вати, Масари, Малонас и Калатос вчера добија наредба да се евакуираат во безбеден правец, пренесува Катимерини.

Според сателитските снимки на вселенската програма на ЕУ „Коперник“, обемот на штетите од шумскиот пожар на Родос е огромен, а уништени се повеќе од 140.000 хектари.

На Евија во текот на ноќта во областа Каристос беше испратено предупредување до жителите на Платанистос да се евакуираат во Каристос, а борбата против пожарите во источниот дел на островот продолжи.

Потрагата по земјоделецот кој исчезна во неделата пред да избувне пожарот продолжи, но засега не дава резултати.

Два авиони обезбедуваат воздушна поддршка на пожарникарите кои работат на копно во Каристос, додека други ќе бидат додадени во текот на денот.

Пожарот се уште гори на Крф каде според противпожарната служба имало пожар во областа Палаја Перитија.

Во гаснењето на пожарот се ангажирани силни копнени сили и четири авиони и хеликоптер, а се очекува тие да бидат засилени и со други воздушни средства.

Поврзани новости