Одредени антикризни мерки, кои ќе бидат насочени за ранливите категории граѓани, веќе со почеток на ноември би требало да бидат активни, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Битиќи рече дека веќе во пренамената на буџетот се предвидени средствата и кога ќе помине собраниската процедура околу тоа ќе се обзнанат мерките.
-Антикризните мерки не се носат за трговците, за да нешто некој некаде калкулира. Антикризни мерки ќе се донесат за граѓаните, да им се помогне на тие на кои денес најмногу им е потребно. Сакаме да се справиме со последиците затоа што причините институционално ќе ги решаваме. Последиците се тие, денес штетата најголема ја трпат крајните корисници и затоа сметаме дека треба таму да се насочиме со мерки, изјави Битиќи на денешната прес конференција.
Битиќи додава дека се уште се разгледува кои целни групи ќе бидат опфатени со мерките.
-На крајот на денот, средствата завршуваат кај стопанствениците. Треба да видиме дали токму тој сектор кој што најмногу трпи од како што викаат потребата од антикризни мерки, дали тие треба да бидат опфатени. Ќе се разговараат во одреден момент кога ќе бидат искристилизирани. Се уште работиме кои целни групи ќе бидат опфатени, рече Битиќи.
Тој на новинарско прашање дали ги консултирале коморите рече дека се консултираат, а за начинот и механизмот на консултации кој го имаат поставено со стопанските комори може да позавидат не само земјите од Западен Балкан туку и пошироко.
-Убаво е што Стопанската комора очекува дека антикризните мерки ќе бидат насочени за стопанството. Напротив сметам дека тие се едни од чинителите кои можат да знаат дека тие треба да бидат насочени кон граѓаните, а не кон стопанството. Можеби затоа не повикаа за да кажат дека и таму треба, но во овој момент податоците не покажуваат дека треба да се донесат одредени мерки во овој момент кои директно на стопанството би требало да помогнат. Но, секако во првиот момент кога ќе дојдеме до јасно дефинирани мерки и начинот како би се спровеле истите соодветно тие ќе бидат претставени пред сите чинители, вклучително и Стопанските комори, рече Битиќи.
Тој рече дека Владата нема да биде нем сведок на нефер или неетички практики во трговијата кои одат директно на штета на семејниот буџет на граѓаните.
-Постојат реални околности кои укажуваат на вештачко фиксирање на цените на високо ниво како резултат на координирано договарање помеѓу трговците на цените на одредени производи, со што го контролираат и ограничуваат нивното слободно пазарно формирање, а со цел зголемување на нивната добивка. Оваа пракса оди директно на штета на граѓаните и производителите, и ова нема да го дозволиме, рече Битиќи.