Вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, реагира откако „Фокус“ објави дека ќе делува како независен пратеник во Собранието, но ќе биде на линија со ВЛЕН за Бадентеровото мнозинство, а потоа и официјално ќе стане дел од оваа коалиција.
„Ги повикувам медиумите како и политичките субјекти да не шпекулираат и да не објавуваат вести од типот на „неофицијално дознава…“. Моето членство во СДСМ и улогата на потпретседател се вкоренети во вредностите кои ги споделувам со огромен дел од моите сопартијци.
Како пратеник достојно ќе ги претставувам сите кои гласаа за нашата коалиција, а останувам и сојузник на сите кои се за искрени внатрепартиски реформи. Заедно со моите сопартијци ќе ги донесеме тие промени. Тука сум, не одам никаде, цврсто стојам на патот на социјалдемократијата“, напиша тој на Фејсбук.
Претходно, го прашавме како постизборно ќе делува во парламентот и дали е точно дека ќе направи трансфер во ВЛЕН, но не добивме одговор. Според нашите информации, тој нема да ги одмине внатрепартиските дебати и разврски во СДСМ по изборниот пораз.
Но, потоа ќе делува како независен и самостоен пратеник во Собранието, при што дознаваме дека тој ќе биде на линија со ВЛЕН, а првиот сигнал за нивната меѓусебна соработка или координација ќе биде неговата поддршка на закони за кои е потребно т.н. двојно или Бадентерово мнозинство.
Во следна фаза Битиќи треба и формално да стане дел од ВЛЕН, со тоа што, според нашите информации, се уште неизвесно е дали ќе биде дел од некоја од партиите што се дел од коалицијата или од новиот субјект што може да се формира, за што постојат дискусии и размислувања.
Доколку лидерите на ВЛЕН одлучат да делуваат во сегашната форма, тогаш Битиќи ќе биде дел од Демократското движење на Изет Меџити. Доколку, пак, Меџити, Арбен Таравари, Биљал Касами и Африм Гаши одлучат да формираат нов политички субјект каде сите ќе бидат на купче, со цел да го задржат и засилат брендот ВЛЕН, Битиќи ќе биде дел и од овој субјект.
Инаку, не станува збор за шпекулација, како што вели Битиќи, туку за исклучително кредибилна информација за неговото идно делување, а времето најдобро ќе покаже дали ќе биде така или не.
В.С.