Не се очекува зголемување на цените на прехранбените производи, по нивното одмрзнување што треба да стапи во сила задутре, затоа што се што досега влијаеше на поскапувањето на цените е нормализирано, смета вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој рече дека цените на зеленчукот природно се намалиле за 40 отсто од нивото на кое беа замрзнати, и дека затоа сега ги одмрзнуваат.
„Сите предуслови за да останат цените на исто ниво, а можеби дури и да бидат помали се направени. Сите претходни услови што беа креирани за да се зголемат цените сега ги нема, а електричната енергија не е на цената на која што беше. Цената на суровините на светските берзи е намалена.
Тоа значи дека и тие што произведуваат, но и тие што тргуваат, имаат услови реално да ги задржат намалените цени, како што беа замрзнатите цени, дури и да бидат намалени. Ние видовме дека на пазарот со зеленчук тој природно се намали дури за 40 отсто од замрзнатите цени и затоа одлуката е да се одмрзнат“, изјави денеска Битиќи.
Минатата недела, како што рече Битиќи, имале состонок во Стопанската комора, а убедувањето е дека ќе нема големи осцилации, односно наплив на зголемување на цени.
„Но, подготвени сме будно да следиме, ако евентуално се случи тоа да реагираме, но мислам дека нема услови за тоа“, рече Битиќи одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на МЕФ Енергетскиот Форум 2023.
Вчера, и министерот за економија Крешник Бектеши рече дека мерката нема да биде продолжена, а одлуката и тој ја оправда со тоа дека цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво.