Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи е уверен дека до крајот на годинава, но и во текот на целата грејна сезона не би требало да има рестрикции на електричната енергија, освен, како што вели ако не се случи некоја непредвидена хаварија. Најавените мерки за штедење на струјата, нагласува, се за намалување на притисокот врз енергетскиот систем, но и за трошење на помалку средства за овој енергенс.
– Ние имаме калкулации, го знаеме енергетскиот биланс, колку е потребно да се произведе електрична енергија за да се користи за регулираниот пазар, независно од нерегулираниот слобеден пазар. На регулираниот се домаќинствата и малите потрошувачи. Со самото зголемување на производството споредено со претходната година ние сме уверени дека до крај на годинава, ако нема некоја не знам каква хаварија, нема да има рестрикции. Ќе има доволно електрична енергија за годинава, но, јас најавувам дека тоа ќе биде за целата грејна сезона вклучувајќи ги и првите месеци за следната година до пролет, рече Битиќи во Тема на денот на Сител.