Битиќи: Кренете ги главите, вратете ги насмевките – СДСМ е храбра

by Fokus

„Граѓаните вчера ни испратија порака, ги слушнавме. Ја прифаќаме одговорноста. А денес е нов ден – ја продолжуваме битката со резултат НУЛА-НУЛА. Нема откажување, нема време за малодушност. Да не бараме утехи, затоа што битката за европска Македонија уште не е завршена. Кренете ги главите, вратете ги насмевките. Ние како партија сме обединети и ќе се бориме за нашите убедувања“ – кажа потпретседателот на СДСМ и ко-носител на парламентарната листа на „Коалицијата за европска иднина“ во изборната единица 2, Фатмир Битиќи на централниот митинг во Чучер Сандево.

„На 8ми мај, се почнува од почетокот, гласовите ќе се бројат од нула. Борбата не е завршена. Секој од нас има втора шанса да се вклучи енергично, со верба во себе и во СДСМ и да го промени текот на настаните. Ова од нас го бараат нашите деца, нашата држава,  ова го бараат за да им ја заштитиме иднината“ – кажа Битиќи
Дополнувајќи дека е потребен поглед напред, кон визијата за просперитетна и сплотена Македонија, членка на ЕУ, со силен економски раст и општество во кое секој граѓанин е третиран и ценет подеднакво.
„Една работа е јасна од првиот круг на претседателските избори, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска го достигнаа својот максимум на гласови, го достигнаа плафонот. Повеќе нема што да бараат, ниту да очекуваат од граѓаните на 8-ми мај. Толку можат, ништо повеќе. А тоа не е доволно за победа на претседателските избори.
Ве уверувам дека со оваа реторика која што ја има ВМРО-ДПМНЕ, со ксенофобијата на Гордана Силјановска Давкова не постојат гласови од албанскиот електорат кои тие ќе можат да ги добијат во вториот изброен круг на претседателските избори.  За разлика од нив, пред нас е хоризонтот на гласови кон кој треба да се движиме на 8ми мај“ – истакна Битиќи
Тој се осврна на фактот дека Македонија не е само ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е многу повеќе, таа е на сите. На Македонците, Албанците, Србите, Турците, Ромите, Бошњаците, Власите –  на сите кои се борат за европска држава.
„Упатувам повик за будење на сите прогресивни сили во нашата земја. Време е за уште повеќе средби со граѓани, да работиме за поголема поддршка, да ја испратиме нашата порака до секој еден граѓанин. Не е време за повлекување, за откажување. Обединети сме и ќе застанеме заедно – нема да дозволиме никој да ни ја раздели партијата или државата. Не се откажуваме ни од иднината, а ниту од прогресивноста на заедништвото!“ – истакна Битиќи.

 

Поврзани новости