„На Северна Македонија сега засега ѝ недостасуваат 10 000 работници годишно, а најзагрозени сектори со недостаток на работна сила се градежништвото и хотелиерството и туризмот“ изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој смета дека проблемот со недостаток на работна сила во земјава, кој во најголем дел се должи на масовната мигранција на населението во потрага по подобри услови и плати најчество во земјите-членки на Европската Унија, Владата планира да го решава на два начина:
„Преку квалификација и доквалификација на домашниот потенцијал и преку увоз на работна сила од странство“.
Вицепремиерот Битиќи вели дека станува збор за стар проблем кој сега само отворено се дискутира и се бараат решенија бидејќи се поголем е бројот на компании во земјава кои пријавуваат дека не можат да најдат соодветна работна сила.
„Работната сила е потребно примарно да се осигура од домашниот пазар односно од нашите сограѓани кои се невработени да се прилагодат за да одговорат на потребите на пазарот на труд. Тоа што во овој момент и за жал долги години наназад не е правено, а тоа е вештините и знаењата на тие кои се навработени да не одговараат на потребите на пазарот на труд. И секако стопанството има потреба да го надополни недостигот на работна сила. Фактот е дека секој ден имаме се повеќе и повеќе компании кои укажуваат дека многу тешко наоѓаат работна сила од тоа што го има на располагање во Агенцијата за вработување и од тие што не се пријавени во Агенцијата“ – изјави Битиќи одговарајќи на новинарски прашања по состанокот со бизнис делегација на Источниот комитет на Германското стопанство.
Затоа Владата, вели тој, преку оперативниот план за вработување работи на различни форми на квалификација и доквалификација за да го подготви домашниот работен потенцијал за пазарот на труд.
Миграцијата е очигледна не само во Северна Македонија, туку и во сите земји од Западен Балкан, смета тој.
„Во овој момент разговараме со стопанските комори во кои гранки евентуално би увезле работна сила. Најзагрозени се да ги кажам градежништво, без разлика дали станува збор за нискоградба или високоградба и секторот хотелиерство и туризам што е очигледно затоа што тоа се сезонски работници кои одат во други земји во блиското соседство – Хрватска, Словенија и други земји на ЕУ и се отвора еден сериозена потреба за луѓе кои би служеле во тој сектор затоа што секако платите се конкуретни, но не се толку конкуретни колку што се во земјите членки на ЕУ. И тоа е нормален процес, затоа велам, сме го имале сега само отворено го дискутираме“ – вели Битиќи.