Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТВ 1, рече дека има политички партии што имаат интерес во предизборниот период да има ново зголемување на цените на храната откако Владата реши да не ја продолжи мерката за гарантирани (замрзнати) цени, а предлог-законот за забрана за нефер трговски практики не е изгласан во Собранието.
Битиќи смета дека некој би направил чекори, како што рече, и против себеси, само за да докаже дека другите не се моќни да ја контролираат состојбата.
-Според сите сознанија и сите анализи што ние ги правиме, не би требало да има никакво влијание. Ние достигнавме да покажеме дека однесувањето на сите помага во скротување на инфлацијата. Ние веќе неколку месеци по ред имаме намалување на инфлацијата. Последниот месец таа беше на ниво од три отсто и нè враќа полека на нормалните стапки на инфлација. Затоа, ако имаме совесно однесување на сите чинители во општеството и притоа, овде морам да кажам и првпат ќе го кажам, рацете на политичките партии и на политичарите бидат настрана од бизнисот, сметам дека самите компании и бизнисмени ќе се однесуваат етички и нема да го направат тоа што одредени политички кругови би сакале да го имаме. Имам чувство дека некогаш сакаме да направиме одредени работи и против себеси само да покажеме дека другите несе моќни да ја контролираат целата состојба, рече Битиќи.
На прашањето, дали сака да каже дека има партии кои имаат интерес во предизборието цените да се качат, тој одговори потврдно.
Во прилог на ваквото тврдење, Битиќи кажа пример – од пред една година, кога една политичка партија постојано барала предвремени избори, се појавил т.н. „бел штрајк“ во кој институциите не функционирале целосно затоа што некој однатре опструирал.