Во фаза на завршна подготовка е најголемата измена на тарифниот систем за електрична енергија од осамостојувањето до денеска и сигурно е дека ќе се воведат блок тарифи. Во моментов ги правиме последните анализи со Електротехничкиот и Машинскиот факултет – дали да има три или четири блок тарифи, но сигурно е дека блок тарифите нема да важат за евтината струја. Оние домаќинства што повеќе трошат ќе плаќаат поскапа цена на електричната енергија, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.
-За евтина тарифа потрошувачката ќе биде неограничена и нема да постојат блокови, а за највисокиот блок цената за домаќинствата ќе биде многу блиску до пазарната. Искуствата во регионот ни покажуваат дека ние ќе бидеме прва таква земја која што ќе примени блокови само за скапа тарифа, бидејќи сметаме дека евтината тарифа треба да остане без никакви ограничувања и домаќинствата да ја користат, бидејќи тоа му одговара и на нашиот електроенергетски систем имајќи во предвид дека во одредени периоди од годината во ноќните часови заради термо производството на регулираниот пазар имаме и вишоци на електрична енергија, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.
Нагласи дека 17 семејства во државата трошат 10 проценти од вкупната потрошувачка на домаќинствата и додаде дека се стопроцентни плаќачи кои немаат никаков проблем со покривањето на трошоците за електрична енергија.
– Тоа е околу 330 милиони киловат часови или тоа е приближно 30 проценти од домашното производство од хидроелектраните во сопственост на ЕСМ. Седумнаесет домаќинства трошат 30 проценти од хидропроизводството. Немаме против да трошат, колку сакаат ќе трошат, но тие домаќинства со енормна потрошувачка ќе плаќаат цена блиску до пазарната, посочи Бислимоски.