Маја, ќеркaта на легендарниот текстописец Јован Павловски, автор на ,,Бисер балкански“ порачува – Бисер балкански и партиски сендвич не одат заедно.
Маја Павловска, текстописец, сликар и еден вид на мултимедијален уметник, ќерка на легендарниот текстописец Јован Павловски, кој што е автор на текстот на безвременската песна ,,Бисер балкански,, речиси една деценија живее во Холандија.
Позната како текстописец на многу песни на нашите пејачи, помеѓу кои ,,Парче од Европа,, и ,,Сон егзотичен,, на Тоше Проески, ,,Магија,, на Тоше и Есма, ,,Љубов недозволена,, на Лидија Кочовска, ,,Сонце низ облаци,, на Лидија и Марјан Стојановски, 17 нумери за мјузиклот ,,Чикаго,, и многу други, иако далеку од родната земја, таа вели дека будно ги следи случувањата и гледа на ,,Шарената револуција,, како на нешто кое што било неминовно, а веќе два пати со поголеми групи на Mакедонци кои што живеат во Холандија се собрале во Амстердам и Хаг да им дадат поддршка на револуционерите.
Исто така, таа како лице со посебни потреби, односно како човек кому што му е потребно соодветно помагало за да се движи, вели дека кај нас по тоа прашање сеуште не се превзело ништо и пристапот на овие лица до многу објекти сеуште им е ,,забранет,, дури и во многу новоизградени објекти, па токму поради тоа, таа како автор на 17 нумери за мјузиклот ,,Чикаго,, не можела да присуствува на премиерата.
Апелира, наместо да се градат фасади, првин да им се обезбедат специјални рампи и влезови на лицата кои што се со ограничено движење, а ги има во голем број во земјава.
Фокус: Пред околу една деценија се пресели од Македонија во Холандија, со што се занимаваш таму, со оглед на тоа што овде беше еден од нашите попознати текстописци, чии што песни беа застапени на многу фестивали?
Маја: Во Холандија дојдов во 2007 година. бев повикана како гостин-сликар, на изложбата на сликарката Нена Шешиќ – Фишер, каде што учествував со мои слики. Во меѓувреме, добив престој во земјата, така што во 2008 и официјално се преселив.
И покрај тоа што професијата ми е менаџер по туризам, сепак повеќе од 25 години сум во уметноста, како сликар и текстописец, а додека живеев во Македонија и судски преведувач. Овде, во Холандија, само продолжив со уметноста. Не можев да се занимавам со професијата, најмногу заради последици од специфичната и една од најретки болести во свет, Myelopoliradiculoneuritis, со која се борам од 1991 година, наваму.
Фокус: Кога во медиумите ги гледаш вестите поврзани со Македонија, како реагираш од таму, која е сликата која што ја имаш за животот овде, денес?
Маја: Мислам дека не постои човек со здрав разум, кој не реагира, секако негативно, на се она што го гледаме и слушаме, ако не повеќе, барем од аудио снимките, од кои јасно сфаќаме зошто земјата ни е дојдена до ова дереџе. Ми беше симптоматично уште во 2008, кога сакав понекогаш да дискутирам со многу мои пријатели таму, добивав ист одговор – “остај… или ќути, не ми се збори за тоа”…
Потоа на 2000 км. од дома, го почувствував стравот кај нив, кој системски се всадуваше, година за година, а кој за мене лично претставува ненормална состојба на човечката психа. Во таква состојба човекот не живее, туку само преживува. Кога човек чувствува страв, тој не може да биде слободен, туку е во затвор, без да знае дека е затворен. И неминовно, на крај, дојде до ова што денес го гледаме на улица.
Фокус: ,,Шарената револуција,, е секојдневие во земјава веќе извесен период, како гледаш ти на неа, ги поддржуваш ли револуционерите?
Маја: Шарената револуција е неминовен одговор или револт на се она што тлеело со години во луѓето. Барање правда е легитимно право на секој граѓанин на држава која се стреми да биде демократска, европска, членка на НАТО, во која институциите би требало да работат според устав и закони кои ќе се применуваат подеднакво за сите. Воспитана сум да бидам секогаш од страна на правдата. Учесниците во Шарената револуција се борци за правда и слобода. Максимално ги поддржувам и никој не може да ме убеди дека тие луѓе се непријатели на Македонија. Напротив!
Ги поддржуваме и од Амстердам и од Хаг, како и од многу земји, каде што живеат и работат наши иселеници. Се надевам дека вистината за која се борат, многу скоро ќе ја види светлината на денот. Овде не се работи за борба меѓу две политички опции, како што сакаат да не убедат режимските медиуми. Овде се работи за борба за опстанок на државата.
На луѓето од Шарената револуција, на кои улицата им стана секојдневие, им порачувам истрајност на патот кој го газат повеќе од еден месец. Нема правда, нема мир! Македонија мора овој пат да стане нормална држава и никако поинаку, па дури ако е потребно, да се направи рестарт на целиот систем, кој граѓаните ги држи во заложништво и ги понижува со години наназад.
Фокус: Помилувањата на политичарите осомничени за криминал од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов предизвика бурни реакции кај народот. Од твоја гледна точка, како изгледаат овие случувања за некој кој што живее во една развиена и цивилизирана земја?
Маја: Проѕирно. Многу проѕирен гест е целата таа лакрдија, до степен на газење на интелигенцијата на граѓаните, до газење на човечкото достоинство. Од тука е и револтот. Мислам дека секој возрасен човек треба да биде свесен за последиците од тоа што одлучил да го направи. Па, од тука би била и мојата порака до нив, да си ја превземат одговорноста, што порано, тоа подобро, бидејќи исходот од кризата во која западна земјата е повеќе од јасен.
Со блокирање на работата на СЈО, јасно ни ја потврдуваат веродостојноста на аудио материјалите, кои беа јавно објавени и ни даваат до знаење со секој изминат ден, дека бегаат од одговорност, што е незрело за луѓе кои себеси се претставуваат како политичари, па и власт. Во нормални земји, после првата објавена снимка, се ќе беше завршено. Најкултурно ќе си дадеа оставка и земјата ќе си продолжеше да функционира. Ова трае предолго. Моја порака до јавноста, само со сплотеност и со почитување на моралните вредности, а во тој дух сме сите воспитани, може да се оствари целта, да си ја зачуваме Македонија.
Фокус: Каков е животот на една личност со посебни потреби во Холандија во споредба со Македонија, ако воопшто може да се направи споредба, кои се условите кои што ги имаат овие лица таму, оти кај нас е познато тоа дека дури и рампи за пристап до јавни објекти започнаа да се поставуваат дури пред неколку години?
Маја: Кога прв пат дојдов во Холандија, имав чувство дека сите луѓе со посебни потреби се на улица, за разлика од Македонија, каде ретко кој од нив ќе ги видиш надвор. Погоре спомнав рестарт на целиот систем. Tоа подразбира рестарт во секој сегмент кој значи функционирање на државата, па и еден од основните, инфраструктурата. Во почетокот кога слушнав дека оваа власт ќе градела, се надевав дека ќе градат како што се гради куќа, од темели, нагоре, па на крај и фасада или “фејслифтинг”. Ама, се што изградија е наопачки, само фасада и еден куп небитни скулптури, непотребни за секојдневието на граѓаните.
Фрлени купишта пари, а јас 25 години како човек со посебни потреби, молам за соодветен влез и излез од дома и сеуште не го добив. Затоа и ретко доаѓам, не можам да функционирам независно. До четврти кат без лифт, не е воопшто лесно со сите проблеми кои ги имам како последица од болеста. Ова се случува и со сите оние кои се соочуваат со слични проблеми. За разлика од таму, овде во Холандија од сам почеток кога дојдов, ги добив сите услови кои се потребни за непречено функционирање, од адаптиран стан за лица со посебни потреби, до помагала и средства за независно живеење. За жал, во мојата родена земја, свеста на надлежните е на многу ниско ниво. Не почувствував никаква почит кон нас како луѓе со посебни потреби.
А, дали свеста ќе се подигне, ќе ви кажам само еден пример, па вие цените. Како автор на сите 17 сонгови на мјузиклот “Чикаго” бев поканета да дојдам на премиера. Но, ете и во еден од понови објекти, нема соодветен влез за мене и за оние со слични проблеми како мојот. Во Холандија, не смееш да отвориш било каков локал или канцеларија или било каква градба, а да не биде адаптирана за влез и движење со инвалидско помагало. Разликата е огромна. Би можела и понатаму да набројувам. Нема споредба.,,
Фокус: Твојот татако, легендарниот текстописец Јован Павловски зад себе остави мала ризница на културно богатсво, голем број на патриотски песни кои што и ден – денешен се слушаат. Што мислиш, познавајќи го него, како тој би реагирал на денешниот живот во земјава, на сите овие случувања, на незадоволството на голем број на граѓани?
Маја: За жал во само две години моите родители починаа. Татко ми, Јован Павловски, е текстописец на многу патриотски песни, меѓу кои “Бисер балкански”, “Запејте сите ангели”, “Македонија, името не го менува” и многу други. Беше алергичен на неправда, криминал и реагираше на се она што значи непријателство или невистини насочени кон Македонија. Се надеваше на сплотување на цел народ, се надеваше дека делбите ќе престанат.
За жал Македонија никогаш не била волку поделена, како сега. Во ова време – невреме за нашата земја, предизвикано од неколку луѓе од власта, кои не сакаат да ја признаат својата вина, тврдам дека доколку би бил жив, би бил заедно со мајка ми дел од Шарената револуција. И знам дека ќе се согласеше со мене, дека не може некој да ја слуша “Бисер балкански” и да се удира во гради дека е голем патриот, а при тоа да заборавил на моралните вредности и да ја продаде душата за еден режимски сендвич.
Фокус: Во Холандија живееш заедно со твојот син Бобан. Би се вратила ли некогаш назад во родната земја, посакуваш ли твоето дете некогаш да се врати и продолжи со животот овде?
Маја: Македонија е мојата родена земја. Не можам да не ја сакам, заради моментална криза. Но, се додека не стане нормална држава во која ќе можам нормално да функционирам, како лице со посебни потреби, сакам, но не можам да се вратам. За сега, од здравствено- технички причини, не можам ни да ја посетам.
Син ми, Бобан, дојде во Холандија на негови 18 години. Тука заврши факултет и тука работи веќе 4 години. Скоро секоја година ја посетува Македонија. Ако прашањето ми е упатено мене, одговорот би бил, не. Не, додека не дојде до рестарт на целиот систем. Не за џабе се иселени 600000 во последните неколку години. А, и кој би се иселил од својата родна земја, доколку ги има неопходните услови за нормален живот?