Биографијата на Делиџакова во десет збора, од СЈО нема коментар

by fokus

Сестрата на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, е денеска во центарот на вниманието откако порталите објавија документ на Владата според кој Лилјана Делиџакова се предлага за заменик претседател на независното регулаторно тело Комисија за хартии од вредност. Затоа што Јанева ја зазема една од клучните јавни функции во државата, шефица на СЈО кое е постојано под напад од страна на опозицијата, се поставува прашањето колку КХВ ќе ја задржи независноста.

Одлуката да ја предложат за член на Комисијата, од Владата ја оправдаа со една реченица. Од таму велат дека Делиџакова е избрана поради нејзиното професионално искуство. На барање на „Фокус“ да ни ја испратат нејзината биографија од Владата одговорија уште покусо.

„Дипломиран економист – 20 годишно искуство во работење со финансии, банкарство и општо економски менаџмент“, велат од таму за сестрата на Јанева.

Колку е релевантно е прашање, но од Владата додаваат дека огласот за нови членови на КХВ бил објавен на 10-ти февруари, дека имало 8 апликации од кои еден кандидат не исполнил услови, а дека од 7 се избрани 5 кои се пратени во Собрание.

Дека изборот на Владата ќе помине низ владејачкото мнозинство е речиси извесно, бидејќи како претседател на Комисијата е предложена поранешната пратеничка на ДУИ, Нора Алити. Доколку бидат изгласани Алити и Делиџакова ќе бидат професионално ангажирани, односно вработени со мандат од 5 години, а за плата од околу 1.500 евра.

„Фокус“ се обиде за овој случај да добие став и од Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева, но од таму за денеска останаа без коментар.

М.В.

Поврзани новости