Невладината организација „Билка“ со културно-музичка манифестација ќе ја подига свеста за потребата на декриминализација на канабисот како и подобрување на постојното законско решение за употреба на канабис во медицински цели, решение, кое според еден од основачите на здружението, адвокатот Јанаки Митровски е исклучително лошо.
„Конопфест 2018“, под мотото „Една билка еден живот“ во петок во 16:20 часот во Градски Парк на школка ќе го поддржат голем број музичари, граѓанските здруженија ХОПС, Коалиција Маргини, 420 Македонија, како и колектив Ветерница. Овој пат, поддршка пристигна и од три политички партии – Либерално демократската партија, Левица и младината на Демократската Обнова на Македонија.
„Бараме и очекуваме од соборците и поддржувачите масовност како би пратиле јасна порака до одлучувачките фактори дека сме тука, бројни и гласни и немаме намера да отстапиме од нашите барања. На наше големо задоволство а верувам и обостран на КОНОПФЕСТ учество ќе земат во смисла на поставување свои штандови и пшрезентација дел од граѓанските здружениија, имено ХОПС, Коалиција МАРГИНИ, 420 Македонија како и своја работилница ке има колектив Ветерница симболично насловена “Садиме билки со БИЛКА”, вели за Фокус адвокатот Митровски, кој додава дека заинтересираноста за настанот е голема.
„Билка“ работи и на законски измени, но се уште не се знае дали истите ќе бидат презентирани преку политичките партии кои им ја дадоа својата поддршка, или пак тие самите ќе ги достават до Собранието. Претставници на здружението веќе почнале и средби со владини претставници.
„Досега „Билка“ има остварено официјална средба единствено со министерот за земјоделие Љупчо Николовски кого го запознавме со нашата работа, нашите досегашни активности, нашите цели но и нашите предлози во делот на ингеренциите на министерството .Од страна на министерот наидовме на разбирање со заложби дека доколку до измени на законските одредби дојде, а се укажува на тоа, дека граганскиот сектор ќе биде вклучен“, додаде Митровски.
Александар Тодески