Билјана Ивановска, кандидатка за градоначалник на општина Центар од независната иницијатива Независни заедно, упати јавна благодарност до граѓаните кои и ја дале поддршката во првиот изборен круг, иако не успеа да обезбеди пласман во вториот круг.
Во својата реакција по изборите, Ивановска истакна дека кампањата била водена без медиумски реклами, без класичен партиски теренски маркетинг и со минимален буџет од 1.500 евра. Таа освоила 4.465 гласа, што претставува околу 20% од вкупните гласови, резултат што, според неа, покажува дека „Центар има критична маса граѓани кои не размислуваат по партиска шема“.
Ивановска укажа и на сериозни неправилности во изборниот процес, меѓу кои и отсуството на логото на нејзината листа на гласачките ливчиња, што, како што рече, предизвикало голема забуна кај гласачите. „Правната неизвесност за независните кандидати и отежнатата рамноправност само потврдуваат дека борбата не е лесна“, нагласи таа.
И покрај поразот, Ивановска порача дека не се откажува: „Една битка не е изгубена војна. Борбата продолжува.“