Популарната американска пејачка Бијонсе синоќа ја поддржа кандидатурата на Камала Харис за претседателка на САД.
-Не сум тука како славна личност, не сум тука како политичар. Јас сум тука како мајка. Мајка која се грижи за светот во кој живеат моите деца и сите наши деца, свет во кој имаме слобода да ги контролираме нашите тела, свет во кој не сме поделени – рече Бијонсе на предизборниот митинг во Хјустон.
На Бијонсе на сцената ѝ се придружи нејзината колешка Кели Роланд, со која порано беше во групата Дестинис чајлд. Овој пат таа не пееше, за разлика од 2016 година, на митингот на претседателската кампања на Хилари Клинтон во Кливленд.
Хјустон е родниот град на Бјонсе, а претседателската кампања на Харис ја користи нејзината песна „Слобода“ од 2016 година како химна.
Харис ја користеше песната за првпат во јули, за време на нејзиното прво официјално појавување во јавноста како претседателски кандидат, во нејзиниот штаб во Делавер. Во истиот месец, мајката на Бијонсе, Тина Ноулс, јавно ја поддржа Харис за претседателка на митингот во Хјустон.