БиХ го прославува Денот на независноста

by Fokus

Улиците во Сараево денеска се украсени со стотици знамиња на Босна и Херцеговина по повод 1 март, Денот на независноста на оваа земја, јави Анадолија.

Големо државно знаме е поставено на зградата над антифашистичкиот споменик „Вечен оган“ во главниот град на Босна и Херцеговина, кое доминира во централната градска улица Маршал Тито.

Денешниот празник се слави по повод успешно спроведениот референдум за независност на Босна и Херцеговина, одржан на 29 февруари и 1 март 1992 година. Тогаш гласаа 2.073,568 гласачи (излезност 63,7 проценти од граѓаните со право на глас во БиХ). Дури 99,7 проценти од оние кои излегоа на референдумот гласаа за независност.

Прашањето на референдумот гласеше: Дали сте за суверена и независна Босна и Херцеговина, држава на еднакви граѓани, на народот на Босна и Херцеговина – муслимани, Срби, Хрвати и припадници на други народи што живеат во неа“?

По гласањето за независност, Босна и Херцеговина беше признаена од многу земји во светот и земјата наскоро стана полноправна членка на Обединетите нации, како и на многу други меѓународни организации.

Денот на независноста на БиХ ќе биде одбележан со низа настани.

Поврзани новости